Централна тема во новото издание на „360 Степени“ беше драматичното намалување на бројот на ученици во земјава – за 12 години, период што го анализираме, за цели дваесет отсто. Ги анализиравме причините и последиците. Намалување има и кај двете најголеми заедници, за што типични примери се општината Липково, на север – каде намалувањето е за 40 отсто и општината Ново Село, на крајниот југоисток, каде падот на бројот на ученици уште подрастичен – повеќе од педесет отсто за 12 години. Ништо подобра не е состојбата ни во општината Гостивар, во која намалувањето на бројот на ученици во 12-годишниот период што го анализираме е речиси 40 отсто. За пример го избравме селото Вруток, во кое има настава и на македонски и на албански јазик. И овде трендовите се исти кај двете заедници.
Ви ја пренесуваме сликата од теренот од Хекуран Акифи, Никола Здравковиќ и Зоран Јовановски.

Општина Липково
Липково е големо село на западните падини на Скопска Црна Гора. Има 2.644 жители, според пописот од 2002 година. Најмалите се образуваат во локалното училиште „Дитурија“. Пред почетокот на часовите, последните денови од учебната година, дворот не е празен, но не е ни преполн со деца.
Според податоците од Министерството за образование, во учебната 2012/2013 г. тука учеле вкупно 316 ученици а во 2017/2018 г. – 239 или 25% помалку.
„За среќа, оваа година немавме барања за отпишување на ученици. Дури имавме враќање на тројца ученици од Швајцарија во второто полугодие. Родителите не успеале да се снајдат, па ги вратија децата во нашето училиште. Значи, годинава можеме да бидеме среќни затоа што имаме плус тројца ученици“, вели Бесник Арифи, директор на ОУ „Дитурија“ во Липково.
На денот на снимањето, дел од дечињата ги враќаа книгите од оваа учебна година. За нив почнува долгоочекуваниот летен распуст.
Одделенскиот наставник Газменд Ганиу со децении ја следи смената на генерации. Тешко му паѓа што освен полуматурантите се почесто во септември недостигаат и други помали деца.
„Јас работам со одделенска паралелка, од второ до петто одделение и, со еден збор, емоционално и духовно сме поврзани со учениците, бидејќи сега учениците се поблиски со наставниците. И кога има такви случаи, кога не напушта ученик, се чувствувам многу лошо“, вели Ганиу.
Дали се 300, 200 или помалку, секое дете има право, а државата има обврска да му понуди образование. Но, ако се намалува бројот на деца, логично е да се намалува и бројот на паралелки и на наставници.
„Координаторот за образование во општина Липково, Џевдет Рамани, вели дека не постои ризик. Пред четири години направивме спојување на паралелки зашто неколку одделенски наставници мораа да заминат во пензија, така што од три паралелки, направивме две паралелки, или од четири, направивме три паралелки. Значи, немаме наставници што останале без работа“, вели Рамани.
На ниво на општина, во учебната 2005/2006 г. имало вкупно 4.933 ученици во основното образование. Во учебната 2017/2018 г. општината имала 2.924 основци. Тоа е намалување од 40% за само 12 години. Во истиот период се намалил и бројот на новороденчиња, но за 10%. Од 396 во 2005 г. на 363 во 2017 г. Бројките го наметнуваат заклучокот дека останатите 30% од децата или се родени во странство или во меѓувреме се отселиле со своите семејства.
„Од 74 члена на семејството останаа 4 постари лица, 70 не се овде. Само тие да се, гарантирам од 5-то до 8-мо одделение по една училница ќе наполнат, бидејки секој има по 3-4 деца“.
Демир Мустафа е наставник, родител, но и човек чие семејство веќе е раштркано низ Европа.
Кај него нема оптимизам дека може да биде подобро.
„Ова е реалноста, сега државата мора да преземе мерки. Инаку, за кратко време – 5 или 10 години, ќе имаме спојување на училиштата, бидејќи сега не може да се види падот на учениците во споредба со тоа по 10 години“, вели Мустафа.
За следната година во училиштата во општина Липково засега се пријавиле 330 првачиња. Бројката ги радува надлежните, бидејќи е нешто поголема од ланската. Но, граѓаните стравуваат дека кога ќе почне годината, во клупите повторно ќе останат празни столчиња за кои имало пријавено ученици.
Општина Ново Село
Штркот е птица-преселница која на есен бара живот во потопли краишта, а на пролет се враќа на север. Како на други места, на крајот на јуни и во струмичко Ново Село гнездата на бандерите повторно имаат жители.
Но, такво нешто не може да се каже и за живеалиштата на луѓето во ова село кое според пописот од 2002 година имало 2.750 жители. Се повеќе куќи се или празни или населени со оние на кои им е доцна да се селат- старите.
„Значи од Ново Село да земеш сега да ги изброиш, 1300 души – сигурно нема. Млад човек тука нема. А во селата што ни се при општина Ново Село, млад човек нема воопшто. Се’ се стари“.
Пишува и дека се’ помалку деца се запишуваат во школите?
„Школите се празни. Значи ако има две деца во Мокриево, Мокрине или Дражево, има четири учителки! На секое дете по две учителки има“.
„Сиот народ избега. Едно Ново Село нема жив човек. Еве дојди во сабота да видиш, нема жив човек! Сите избегаа во странство. Бугарски пасоши земаа и избегаа“.
Основното училиште во Ново Село го носи името на струмичкиот револуционер Мануш Турновски. Според податоците од министерството за образование, лани таму учеле 262 ученици. Тоа е за речиси сто ученици помалку споредено со учебната 2012/2013 година, кога биле вкупно 356 основци.
Наставникот Владо Златанов е загрижен за трендот, но вели барем образовниот процес за тие што се тука не е нарушен.
„Навистина е впечатокот точен, затоа што трендот на иселување во последните години е голем, но не само во нашата општина, туку во целата држава е така. Иселувањето е неминовно, затоа што луѓето сакаат подобар живот“.
Кога говориме за децата кои се запишуваат во прво одделение, дали нивната бројка се намалува?
„Да, од година в година се намалува, но сепак имаме доволно ученици за да бидат паралелките во ред“, вели Златанов.
Но, до кога паралелките можат да бидат во ред? Бројките на заводот за статистика покажуваат дека во учебната 2005/20016 во општината Ново Село имало 1160 основци. Во 2017/2018 има 55% помалку ученици- само 539.
Градоначалникот Никола Андонов признава дека бројките се поразителни. Утеха му е што барем последните години, се чини дека трендот е побавен.
„Точна е информацијата што ја имате, дека секоја година континуирано имаме се помалку и помалку деца, но забележуваме како тој број да се намалува – отсуството или намалувањето на учениците е помало во споредба со изминатите 5-6 години. Причини за тоа има многу, и ги знае целата јавност – една од главните причини е иселувањето на младите луѓе, а друга причина која исто е позната на сите во државата, имаме и многу млад свет кој не сака да се жени. Возрасни луѓе од 30-40 години“, вели Андонов.
Според бројот на новороденчиња во последните години, во Ново Село и нема многу причини да се биде оптимист дека состојбата некако магично ќе се смени на подобро. Сите се свесни дека општината се празни. И сите се согласни дека само економиски развој е спас, за освен штрковите во Ново Село да почнат да се враќаат и луѓето.
Општина Гостивар
„Ова е Вруток, изворот на реката Вардар. Ученици од цела Македонија доаѓаат тука на екскурзија за да го посетат ова место, а ние живееме тука и училиштето ни е веднаш до изворот.“ – вели Моника Мерџаноска, ученичка во 9-то одделение во основното училиште „Лирија“ во селото Вруток.
„Ние сите учиме заедно и Албанци и Македонци. Секогаш пред да одиме на училиште доаѓаме тука и си играме во нашата река Вардар.“ – додава Енес Сулејмани, ученик во 8-мо одделение.
По прошетката, учениците одат кон основното училиште „Лирија“ кое е на една минута од изворот. Иако групата изгледа како помал клас, ова се речиси една третина од вкупниот број ученици од прво до деветто одделение.
„И сум една ученичка во мојата генерација во 9-то одделение. Годинава завршувам. Од прво одделение кога започнав тука до ден денеска сум една. Во почетокот имаше повеќе деца. Учевме во комбинирана паралелка. Тоа значи повеќе класови од 1 до 5-то одделение со една наставничка. Подоцна, како што поминуваше времето, луѓето се иселуваа од тука и се помалку деца се запишуваа во училиштето и така останавме на три деца – јас и уште две ученички од седмо одделение.“ – раскажува Мерџаноска.
„Од прво до осмо одделение ние сме пет ученици. Ова е многу интересно, бидејќи во другите училишта учениците во осмо одделение се повеќе од 30. Ние сме навикнати со петмина ученици и многу ни е интересно.“ – вели Сулејмани.
А еве како е во училниците.
„Ова е мојата училница. Овие дечиња тука се второ одделение, две имам, овие две девојчиња – трето, тука имам петто одделение и едно што е отсутно – вкупно шест дечиња.“ – покажува Фатмире Абдиу, одделенска наставничка.
Таа е од реканското село Јанче, а веќе 24 години работи во училиштево во Вруток и предава во комбинирана паралелка на македонски наставен јазик.
„Ние можеме во тие 40 минути, на пример, тој ученик кој е еден во петто одделение, неколку пати да го прашам, да му помогнам, како во приватно училиште да се наоѓаме.“ – додава Абдиу.
Нејзината колешка Афердита Јусуфи раскажува дека во ’95 година во комбинирана настава имала вкупно 12 ученици, а сега во нејзината училница се тројца од петто и едно девојче од четврто одделение.
„Ова е последниот ден со моите ученици, тројца ќе одат во шесто одделение. Следната година очекуваме да ни дојдат едно, две или најмногу три првачиња, тоа ќе видиме во септември.“ – вели Јусуфи.
Таа пронајде стари фотографии во креденчето на нејзиниот покоен татко, кој исто така бил наставник во ова училиште. На фотографиите се сите ученици на првиот патронен празник на кој присуствувал татко ѝ, некаде во ’70-тите години. Дворот на училиштето бил полн.
„Тогаш имаше голем број деца, сите од селата Речане, Вруток и Равен учеле во едно училиште, па веројатно бројот бил и поголем.“ – додава Јусуфи.
Но и кога се разделиле на едно централно и две подрачни училишта, наставникот на овие фотографии, татко ѝ, имал и по 15 ученици.
За разлика од него, наставничката Афердита Јусуфи може да ги изброи на прстите од едната рака.
„Како мајка што може да се грижи за четири деца. Тоа е позитивната страна. Но, негативната страна е дека клупите се празни.“ – вели Јусуфи.
Училиштево е обновено во 1986 година. Директорот Ајет Џафери се сеќава дека ’90-тите години заедно со двете подрачни училиште имало над 600 ученици. Сега се вкупно 186.
„За подобрување на состојбата државата треба да се грижи за младите, да има вработување, младите да не се иселуваат, да останат тука и да создадат семејства.“ – смета Џафери.
Некои од наставниците, поради драстичното намалување на бројот на ученици, стравуваат за работните места.
„Ние веќе сме во комбинирани паралелки, што и да се случи, еден клас дефинитивно ќе остане во комбинација, еден ученик – еден, пет паралелки повторно ќе останат со еден наставник. Но, се надеваме дека нема да дојде до таа состојба. Не нашите деца да бегаат во Европа, туку Европа да се врати кај нас.“ – вели Јусуфи.
Вруток е пример за состојбата во цела општина Гостивар. Ако во учебната 2005/2006 година имало 10 600 основци, во 2017/2018 година имало околу 6.500 што е намалување на ниво на општината за 39 отсто.
„Повеќето луѓе што си одат, одат со своите семејства, а не сами како порано. Тие велат – сакам моето дете да учи во убаво училиште. Овде имате училишта без покрив, имате училишта во кои стандардите или условите во кои учат децата се катастрофални.“ – Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар.
Ресорното министерство по втор пат на градоначалникот Арбен Таравари му ги одзеде ингеренциите во образованието. Па го прашавме – како локалната самоуправа придонесува за подобри училишта?
„Јас, на пример, имам ингеренции само во урбанизам, друго ништо немам, се е одземено од централната власт. Ние се обидовме, толку колку што имавме ингеренции во образованието, а тоа се не повеќе од пет месеци за овие речиси 17 месеци наше владеење во Гостивар, направивме одредени реновирања, инвестиравме во дворовите на училиштата. И ни одзедоа ингеренции и потоа ти немаш никаква соработка со присилно назначените директори од ДУИ.“ – рече Таравари.
Заврши последниот училишен ден во Вруток. Башким Зендели дојде по своите син и ќерка близнаци, кои се единствените ученици во второ одделение.
„Моментално немам план да се иселам од селото. Тука ми е добро. Се чувствувам добро покрај моето семејство.“ – вели Зендели.
„Децата ќе сакаат да останат, кога ќе видат дека државата навистина се грижи за поколението што расте. Македонија е прекрасна земја.“ – вели родителката Анѓела Ѓиноска.
Вруток, всушност, има повеќе деца отколку ученици во локалното училиште.
„Познавам многу мои блиски другари и другарки што не го продолжуваат образованието тука во Гостивар и во околината, туку заминуваат во Скопје и во другите поголеми градови.“ – рече ученичката во 9-то одделение Моника Мерџаноска.
„Кога се собираме стануваме поголема група отколку што сме во училиште, бидејќи некои деца од Вруток не учат овде туку учат во Гостивар, но сепак нам ни е убаво.“ – вели ученикот во осмо одделение Енес Сулејмани.
Групи ученици од други места секојневно доаѓаат на екскурзии за да видат од каде извира најголемата река во земјава. Вруточани знаат да се пофалат дека од нивните рибници се троши повеќе риба и од Охрид. Тоа не е доволно да го запре иселување, иако – да не е туризмот, Вруток би бил вистинска пустелија среде раскошна природа.