„Јас, колку што се сеќавам, не беа присутни, меѓутоа не видов, ниту, пак, сум слушал дека демонстративно нешто напуштиле, не“, вели Бојан Марачиќ

360°: Тргнавте од идејата за консензуален кандидат за претседател на државата, но него ќе го нема на изборите, ДУИ реши да оди сам со свој кандидат. Колку е извесна или неизвесна поддршка од ДУИ за Стево Пендаровски во вториот круг?
Маричиќ: Таа е логична. Ние и во минатите изборни циклуси сме имале слични ситуации. Точно, во 2019 година отидовме заедно уште во првиот круг, сега ДУИ одлучи така, претпоставувам, поради тоа што албанската опозиција извади посилен кандидат од минатиот пат.
360°: Ако Мицкоски им вели – ваша отворена поддршка за Пендаровски во вториот круг ве дисквалификува од потенцијални разговори за формирање влада со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш – ако сте ДУИ, дали би помислиле како би се поставиле?
Маричиќ: Зависи кој би бил концептот на новата влада. Ако тој концепт е да преговараме повторно со Бугарија уште десет години, ако тој концепт е повторно изолација и застранување од европските интеграции, ако тој концепт подразбира повеќе да се потпреме на Орбан и на Путин отколку на САД и ЕУ, едноставен ќе биде изброт на ДУИ и на која било друга политичка партија.
360°: Што се случи со т.н. европски фронт, како во моментот би ги дефинирале односите на СДСМ со ДУИ?
Маричиќ: Партнерски и коректни. Не мислам дека било што се случило негативно со европскиот фронт, ние сме во комуникација. Знаете дека од почеток имаше опција да одиме во една колона, значи на исти заеднички кандидатски листи или во две колони, на повеќе листи.
360°: Дали е дефинитивно дека ќе одите на две колони?
Маричиќ: Не е дефинитивно, сè уште не сме донеле ниту ние одлука, а не сум слушал дека и во ДУИ е донесена одлуката. Правиме анализа, разговараме и мислам дека во наредниот период додека се роковите ќе го утврдиме тоа. За нас е едно сигурно и важно, да имаме јасна дистинкција меѓу партиите кој за што е и да имаме јасна слика по изборите. Ние сме сигурни дека по изборите СДСМ ќе биде повторно столбот на наредната влада. Секоја партија има право да се постави на еден или на друг начин, но секако и да се носи со последиците од својот став.
360°: Коректни и партнерски велите дека ви се односите со ДУИ. Како во таа смисла ја лоцирате една од последните седници на Владата на којашто има информација дека министрите од ДУИ излегле, ја напуштиле сесијата во моментот кога на дневен ред биле предлог-законите за стратешките инвестиции. На крај, предлог-законите завршиле со потпис на Фатмир Битиќи, а не со потпис на ресорниот министер Крешник Бектеши во Собранието?

Маричиќ: Не, тие знаете дека беа испратени во Собранието, па беа вратени за да се внесат некои измени поврзани со мислењето на Комисијата за заштита од конкуренција.
360°: Бектеши не криеше дека има забелешки, барем за дел од предлог-законите.
Маричиќ: Затоа велам дека дел од тие забелешки беа внесени. Никој не ја напуштил седницата. Имавме една седница, таа заврши, па почна друга седница. На таа седница доби овластување вицепремиерот Битиќи да ја води и со мнозинство гласови…
360°: Кога ги утврдувавте предлог-законите, дали министрите од ДУИ беа на седницата?
Маричиќ: Јас колку што се сеќавам не беа присутни, меѓутоа не видов, ниту, пак, сум слушал дека демонстративно нешто напуштиле, не.
360°: А чинот на отсутсво, нели е демонстрација на несогласување?
Маричиќ: Имало многу ситуаци каде што се случило констелацијата да биде таква да не присуствуваат министри од една или друга партија. Владата усвои одлуката… Јас не сум слушал дека ниту премиерот којшто е од ДУИ ниту другите се спротивставиле на таа одлука. Владата со мнозинство ја донесе. Инаку, знаете, кога се спротивставува коалиционен партнер на некоја одлука, тоа обично повлекува и недонесување на одлуката.