Нема ништо противзаконски во моето користење на службениот автомобил, но прифаќам критика и се обидувам во услови кога нема потреба што помалку да го користам службеното возило, вели првиот вицепремиер Бојан Маричиќ на прашањето зошто вчера пред канцеларијата на ДИК во Карпош дојде со службена кола и возач од владината служба
Бојан Маричиќ вели дека како прв вицепремиер е во кругот на функционери кои имаат 24-часовно обезбедување и службено возило и дека сето тоа е уредено со закон и со владина уредба за обезбедување на личности и објекти, па затоа, како што вели, многу често тој не се прашува и нема право на избор кога и каде да се движи со службено возило. Така било и вчера кога беше објавена снимка како до канцеларијата на ДИК во Карпош, со цел да даде потпис за Стево Пендаровски, доаѓа со службен владин автомобил.

„За нас не постојат работни и неработни денови. гледам дека опозицијата на тоа цели дека недела бил неработен ден. Јас имав серија службени состаноци и попатно го направив и ова, нормално не е ништо противзаконски, но прифаќам и гледам, во услови кога нема потреба, што помалку да го користам службеното возило“,
рече Маричиќ.
Првиот вицепремиер, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека сите заменик-претседатели на Владата имаат право на 24-часовно обезбедување и службено возило и дека ова решение не е персонално, туку системско.
Прашан за тоа дали е оправдано да има на располагање владин автомобил и возач 24 часа, тој вели дека тоа е направено согласно правилата за безбедноста на лицата и функциите кои ги извршуваат, иако за него лично тоа честопати претставува товар.
„Јас често имам и коментари од луѓето кои ме обезбедуваат кога во приватно време одам сам со приватна кола да пазарам, дека и тогаш треба да ги викам. Јас тоа не го правам, а за партиски настани, пак, никогаш, секогаш се грижам или да користам партиска или изнајмена кола“,
кажа Маричиќ.