Со изгласувањето на овие измени нема да биде одземено покачувањето од 78 отсто на платите што пред една година го добија избраните и именуваните лица

На околу 1 060 функционери, меѓу кои и шефот на државата, пратеници, министри, судии, јавни обвинители, членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители ќе им се стопира растот на платите, откако пратениците денеска го донесоа измените на шесте закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица.
Со изгласувањето на овие измени нема да биде одземено покачувањето од 78 отсто на платите што пред една година го добија функционерите.
Измените на шесте закони носат ограничување на функционерските плати веќе од февруари.
Законите предвидуваат намалување на коефициентот кај првите три функции во државата претседател, спикер и премиер од 4,50 на 3,92. Кај пратениците коефициентот ќе биде од 3,04 до 3,92, додека кај министрите коефициентот 3,70 се намалува на 3,22.
Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а вчера на ваквите најави реагираа од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.
За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, се разгледува законска можност за интервенција со владина одлука, а според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тоа може да се направи и од управните и надзорните одбори.
Денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска рече дека се надева оти законското решение поднесено од СДСМ со кое се предвидува намалување на вредноста на коефицинетот за пресметка на платите на функционерите и избраните и именуваните лица е согласно Уставот
„Она што сега е предложено како решение од страна на пратениците на СДСМ, убедени сме дека после сите консултации, претставува уставна рамка, дека нема да се доведеме во ситуација повторно Уставниот суд доколку се донесе решението, да го укине заради тоа што, повторно ќе кажам, сметам дека е некоректно толкава голема разлика без оглед на ингеренциите и одговорностите што ги имаме, имајќи ги предвид условите во коишто живееме“,
рече вицепремиерката Грковска одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на ефектите од Информацискиот систем Е-инспектор.