Измените што ги предлагаат пратениците на СДСМ и коалицијата што ја предводат се поднесени во скратена постапка, а се однесуваат на Законот за платите и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Законот за платите на судиите, Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Судскиот совет
Откако лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во петокот изјави дека нашле уставно издржано решение за растот на функционерските плати, што го навлече гневот на јавноста, пратеничката група на партијата и и коалицијата денеска во Собранието поднесоа предлог за измена на шест закони, со кои, како што рекоа, ќе се спречи нивното зголемување.

За иницијативата денеска на прес-конференција, опкружен со своите колеги, информираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Мартин Костовски. Тој изјави дека со законските измени што ги предлагаат ќе бидат опфатени околу 1 060 именувани и избрани функционери.
Измените на сите шест закони се предложени да одат во скратена постапка.
„Пратениците на СДСМ и коалицијата поднесоа измени на шест закони – Законот за платите и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Законот за платите на судиите, Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Судски совет, сите по скратена постапка“,
рече Костовски.
Тој притоа посочи дека имајќи предвид дека Уставниот суд ја укина фиксната основица на платите, ова е единственото уставно решение.
„Потенцирам пратеници, министри, градоначалници, директори, судии, обвинители, сите избрани и именувани лица или околу 1 060 лица се опфатени со овие законски измени. За нив нема да има зголемување на платите“,
кажа Костовски.
Коефициентите на платите на избраните и именуваните функционери, додаде тој, засега остануваат на исто ниво.
„Да, испишувањето на коефициентите би останало на исто ниво. Моментално, со овие измени, остануваме на истите плати, меѓутоа во поглед на тоа да бидеме во согласност со одредбите на Уставот на државата и со сите закони. Во Законот за пратеници во членот 29 став 2 се менува и гласи: „коефициентите на платите на пратениците изнесуваат од 3,4 до 3,92, а биле од 3,5 до 4,1“. И неслучајно почнувам со пратениците, бидејќи не е фер секогаш ние како пратеници да сме на удар на јавноста, а од друга страна станува збор за 120 пратеници, а зголемувањето на избрани и именувани функционери е 1 060. Направено е да не има драстично зголемување, бидејќи пред неколку дена Државниот завод за статистика излезе со проценки за просечната плата во државата и ова ќе значи енормно зголемување од околу 15,3 проценти. Ние како одговорни политичари на СДСМ, нема да го дозволиме тоа“,
рече Костовски, пренесува МИА.

За усвојување на предложените измени пратениците на СДСМ очекуваат поддршка од сите пратеници во Собранието,
Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата очекуваат поддршка од сите пратеници во македонското Собрание.
„Сите да покажеме солидарност и да ги поддржиме овие законски измени, а парите наместо за поголеми плати на функционерите, да завршат кај граѓаните“,
рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Костовски.
Инаку, на почетокот на годинава министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека во Буџетот не се планирани пари за зголемување на платите на избраните и именуваните лица во 2024 година. Бесими рече дека нема пари за дополнителното зголемување според законот, каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата.
Платите на функционерите се најдоа во фокусот на јавноста откако пред речиси една година Уставниот суд донесе одлука тие да се зголемат за 78 отсто. Одлуката беше донесена откако од Уставниот суд беше побарана оценка на уставноста на членовите 4 и 1, а не членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и дека воопшто не било поставено прашањето според кој процент ќе се зголемат или намалат платите.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на 21 август, лани поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто. Со поднесувањето на овој предлог од ССМ велат дека бараат итни измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
По реакциите на јавноста, Владата формираше работна група која требаше да изнајде решение. Владините претставници тогаш посочуваа дека се потребни измени на седум законски решенија.