Тој заблагодарувајќи се на сите за големата поддршка, во кусото видеообраќање посака позитивна кампања во која кандидатите за претседател ќе се натпреваруваат со идеи и дела
Кандидатот на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи, вечерва преку видеообраќање информира дека се собрани потребните 10 000 потписи за негов влез во претседателската трка.

Веста Османи ја соопшти опкружен со неговото семејство (сопругата и децата), посочувајќи дека потписите се собрани во рекородно време и нивниот број е над 10 илјади.
„Веста дека се собрани над 10 000 потписи ме најде во домашен амбиент, додека ја барав поддршката и од моите најблиски. Сега со поддршката на Валбона, Елиза, Мал и Луан и над 10 000 потписи коишто се собраа во рекордно време од речиси два работни дена, се најголемото признание, но пред сè голема обврска да влезам со најголема сериозност во оваа историска кандидатура за претседател на Република Северна Македонија“,
вели Османи.
Тој заблагодарувајќи се на сите за големата поддршка во кусото обраќање посака позитивна кампања во која кандидатите за претседател ќе се натпреваруваат со идеи и дела.
Според податоците што денеска претпладне ги соопшти Држвната изборна комисија (ДИК) во врска со собирањето на потписите, а кои се однесуваа на бројката заклучно со вчерашниот ден до 20 часот, кандидатот на ДУИ беше најблиску до потребниот број потписи. Османи до вчеравечер до 20 часот, според ДИК, имаше собрано 8 560 потписи.
По него беа кандидатите на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски; на Левица, Билјана Ванковска, и на ГРОМ, Стевче Јакимовски.
Десет илјади потписи им се потребни на вонпарламентарните и на партиите/коалициите кои имаат помалку од 30 пратеници во Собранието за да може да номинираат свој кандидат на претседателските избори закажани за 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг).
Близу 2 000 потписи во изминатите три дена, според податоците на ДИК, собрал и кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари.
Собирањето потписи за номинирање на претседателски кандидати за претстојните избори официјално почна во петокот (23 февруари) и ќе трае до 8 март.
Освен со пратеничка поддршка, со граѓански потписи ќе биде дополнета и кандидатурата на Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Таа ќе почне да ги собира потписите еден ден по партиската конвенција на 2 март на која ќе биде официјализирана нејзината кандидатура за шеф на државата.
Потписи, како што пренесоа денеска медиумите, ќе собира и актуелниот претседател Стево Пендаровски кој ја ужива поддршката од СДСМ.