Тошковски смета дека Џафери во иднина треба да се воздржи од такви постапки за кои, како што вели, сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите

Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски го повика техничкиот премиер Талат Џафери да се извини за вчерашното однесување при неговата посета на просториите на Отсекот за управни работи Тетово. Тошковски смета дека Џафери во иднина треба да се воздржи од такви постапки за кои, како што вели, сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите.
Тошковски, во објава на својот фејсбук-профил, го коментира вчерашното видео на кое се гледа како техничкиот премиер Талат Џафери ненајавено упадна во просториите на Отсекот за управни работи Тетово каде што во моментот овластените службени лица ги извршуваа своите работни задачи.
„Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција“,
пишува Тошковски.
Тошковски смета дека таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка, е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција.
„Таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот за време на извршување на работни задачи, токму како припадник на министерството за внатрешни работи“,
додава Тошковски во објавата.
За вчерашната посета на Џафери на на СВР Тетово, денеска реагираа и од Независниот полициски синдикат кои побараа политиката и политичките кампањи да се реализираат надвор од институциите, а работниците да не се злоупотребуваат за политички цели.
Претседателот на Синдикатот, Гоце Делчев рече дека техничкиот премиер вчера направил преседан кога, како што рече Делчев, неовластено упаднал и неовластено снимал вработени кои ги извршувале своите работни задачи во СВР Тетово.
Тој побара министерот и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи да застанат во одбрана на работниците.
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера беше во ненајавена посета на СВР Тетово, а во изјава за медиумите рече дека констатирал оти во овој сектор за внатрешни работи недостига организација во извршување на задачите на дневна основа.