Бојмацалиев вели дека граѓаните во моментот се жалат оти центарот за повици не функционира и дека секојдневно има барања пак да се врати пунктот во „Пролет“ со функционирање „прв дојден, прв услужен“

Принципот „прв дојден, прв услужен“, што беше воспоставен во пунктот за сликање „Пролет“, функционираше и граѓаните ја добиваа услугата, вели дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во гостување на ТВ 21.
Бојмацалиев вели дека пунктот „Пролет“ бил отворен бидејќи во јули, август и септември минатата година, имало појава каде што луѓето закажувале термини за сликање, а не се појавувале во точното време.
„Со доаѓањето на новиот министер, тој одлучи дека тоа е ужасно решение, го укина и ги врати повторно телефонските закажувања. Денес граѓаните, по седум-осум дена вртат и не можат да добијат за да закажат термин. Јас тогаш, а и сега јавно кажувам дека бев против укинување на принципот ’прв дојден, прв услужен’ бидејќи сепак ја движеше работата, а сега имаме застој. Најголемите гужви беа кога првично дојдоа над 170 000 граѓани наеднаш кога сфатија дека одредени политичари ги лажат со тоа ’никогаш Северна’ и реално дојдоа да ги сменат своите документи. Тогаш се створи ден-два гужва во прием на документи кои ги издававме во законски предвидениот рок, донесовме и одлука дека ќе се носат на домашна адреса. И, како што информирав, пред некој ден 95 отсто од тие документи веќе се однесени на домашна адреса, луѓето се најдени и ги примиле своите документи. Повелете да проверите во МТВ на пунктот за издавање лични документи дека нема никаква гужва”,
рече Бојмацалиев.
На прашање како оди сега процесот на закажување, Бојмацалиев вели дека граѓаните во моментот се жалат оти центарот за повици не функционира и дека секојдневно има барања пак да се врати пунктот во „Пролет“ со функционирање „прв дојден, прв услужен“.
„Стојам на ставот дека вака не функционира и дека треба да се врати ’Пролет’ во режим на работа ’прв дојден, прв услужен’, бидејќи граѓаните тоа го бараат. Јас само ги пренесувам реакциите на граѓаните. Кол-центарот не функционира бидејќи има преголем број телефонски јавувања и граѓаните чекаат по седум-осум додека да добијат на телефон, наспроти тоа што го кажувате дека чекале по седум-осум часа“,
додава Бојмацалиев.
