Реконструкцијата на Универзалната сала ќе се одвива во две фази, а очекувањата се дека ќе биде целосно завршена до 2026 година, кога објектот повторно ќе ги отвори вратите за посетители. Во првата фаза предвидена е реконструкција на надворешниот дел од објектот, а во втората фаза ќе продолжи техничкото и ентериерно уредување на просторот
Проектантот од „Мегарон инженеринг“, Бујар Муча, изјави дека сцената и просторот за публиката ќе бидат целосно модернизирани, но најави и дека бројот на седиштата ќе се намали за 300 поради новите противпожарни и архитектонски прописи
По двегодишната пауза, од денеска официјално продолжуваат градежните активности за реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје откако минатата година Град Скопје времено ѝ ја отстапи надлежноста над објектот на Владата, односно на ресорното Министерство за култура.

Реконструкцијата на Универзалната сала ќе се одвива во две фази, а очекувањата се дека ќе биде целосно завршена до 2026 година, кога објектот повторно ќе ги отвори вратите за посетители. Во првата фаза од градежните активности е предвидена реконструкција на надворешниот дел од објектот, односно кровот и фасадата, а во втората фаза ќе продолжи техничкото и ентериерно уредување на просторот.
За реконструкцијата на Универзалната сала за годинава се обезбедени 120 милиони денари. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.

По повод отпочнувањето на градежните активности, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска порача дека развојот на културата не е можен без ваков мултифункционален објект кој им припаѓа на уметниците, на културните дејци, а пред сè на публиката и претставува архитектонски и културен симбол на Скопје.
„Затоа, нашата мисија е во наредните три години овој простор да се уреди, како што му доликува на Скопје. Министерството за култура презеде обврска непречено да го реализира проектот, затоа што има обезбедено финансиски средства и комплетна документација. Универзална сала има емотивна вредност и за скопјани и за публиката. Универзалната сала му недостига на Скопје, им недостига на уметниците и на културните работници. Граѓаните не смееме да ги оставиме без својот дом, односно без Универзална сала“,
рече Костадиновска-Стојчевска на денешното отпочнување на градежните активности за реконструкција на Универзална сала.
Проектантот од „Мегарон инженеринг“, Бујар Муча, изјави дека проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година, а оти сега е ставен на располагање на изведувачите. Посочи дека сцената и просторот за публиката ќе бидат целосно модернизирани, но најави и дека бројот на седиштата ќе се намали за 300 поради новите противпожарни и архитектонски прописи.

„Кога ќе влезете во салата, ќе знаете дека влегувате во комплетно модернизирана Универзална сала“,
додаде проектантот од „Мегарон инженеринг“, Бујар Муча.
Прашан дали има уништување на просторот со оглед на тоа што Универзалната сала со години беше отворена, Муча посочи дека не верува оти има оштетувања кои би можеле да наштетат на она што веќе е изградено. Додаде дека веројатно ќе биде направена ревизија која треба да открие дали има некакви оштетувања и доколку постои потреба за санација, истата ќе биде направена.
На денешното отпочнување на градежните активности присуствуваше и лидерот на СДСМ и експремиер Димитар Ковачевски. Тој потсети дека по финализирањето на објектот, Министерството за култура ќе го предаде објектот на Град Скопје со целокупната придружна документација во однос на изведувањето, а потоа, како што рече, сите права и обврски кои произлегуваат од сопственоста на салата ќе бидат предадени на Градот Скопје.