Мицкоски говореше и за проблемот со издавањето патни исправи велејќи дека претходното раководство на МВР знаело дека нема пасоши, не направило подобра организација и граѓаните плаќале непотребно за документи кои сега треба да ги заменат

ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит на следните парламентарни избори, а тоа јасно го покажуваат анкетите, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Според него, разликата е два наспроти еден, а очекувањата, како што вели, се дека ќе биде и уште поголема односно два и пол наспроти еден.
„ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит за следните парламентарни избори кој ќе се случат за нешто повеќе од два месеци. Некаде околу 44-45 дена имаме до почеток на кампањата за првиот круг на претседателски избори. Огромна е разликата и таа е повеќе од два спрема еден и таа ќе биде уште поголема, односно два и пол спрема еден“,
рече Мицкоски во денешното гостување на утринската емисија „Здраво Македонијо“ на телевизија Канал 5.
Според него, гласот на народот е практично прикажан преку тие бројки на мерењата на јавното мислење и од тие бројки се гледа дека едно огромно мнозинство, три четвртини од луѓето се незадоволни од квалитетот на животот и мислат дека Македонија се движи во погрешна насока и оти треба да има промени. Бројот на граѓаните кои се задоволни, додаде Мицкоски, е едноцифрен.
Тој во гостувањето посочува дека потешкиот дел допрва доаѓа затоа што, како што нагласува, граѓаните се разочарани и сите заедно се согласуваат дека немаме држава, дека тешко живеат и дека мора да се врати надежта.
„Но тоа е само полесниот дел ја би рекол во целата оваа политичка состојба затоа што потешкиот дел доаѓа потоа бидејќи од тоа што можеме да го видиме на тие анкети, граѓаните се прилично разочарани, сите се сложуваат околу една работа, дека немаме повеќе држава, сите се сложуваат дека имаат чувство дека како да се граѓани од втор ред, сиромашно и тешко живеат“,
кажа Мицкоски.
Мицкоски говореше и за проблемот со издавањето патни исправи велејќи дека претходното раководство на МВР знаело дека нема пасоши, не направило подобра организација и граѓаните плаќале непотребно за документи кои сега треба да ги заменат.
„Еве конкретен пример имаме сега со пасошите. Имаме сега условно кажано нова постава во Министерството за внатрешни работи и ако ништо друго барем редот, она понижување што го трпеа граѓаните, оној метеж кој што беше таму, го нема. Се чека да, но не се чека од наутро до доцна навечер, туку се чека по 10-15 или 20 минути“,
рече Мицкоски.
Тој, исто така, додава дека тука се поставува прашањето зошто претходното раководство, кога веќе знаело и презело обврска, не само што подобро не се организирало врз основа на капацитетот на машините, туку и по преземената обврска во МВР продолжило да издаваат документи за кои сега граѓаните треба повторно да се изложуваат на трошок за менување.
„Зошто претходното раководство тоа не го направило. Зошто кога знаеле и кога преземале обврска дека треба тоа да го направат не направиле план за да ова денеска нам да не ни се случи. Затоа што е многу едноставна работата. Капацитетот на машините со коишто се издаваат тие патни исправи е таков да годишно можат да се издадат 500-600 илјади. Ако вие знаете дека треба, еве не повеќе од 2 милиони да издадете, вас ќе ви бидат во идеални случаи потребни 3 или 4 години“,
вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така, додава тој, се поставува прашањето зошто граѓаните кои ваделе документи во 2019 и 2020 година не извадиле согласно тој договор којшто бил прифатен и зошто сега тие граѓани повторно сега ние да ги изложуваме на трошок и повторно да плаќаат.