Пресметките на „360 степени“ покажуваат дека месечните примања на уставните судии се за околу шест пати повисоки од минималецот што тие требаше да го земат за април и за мај
Градоначалникот на Скопје прв најави конкретен чекор наспроти потегот на Уставен суд – разликата во платата ќе ја уплати во фондот за справување со ковид-19
Деветтемина членови на Уставниот суд и во април и во мај ќе земат плати, веројатно, повисоки од 90 илјади денари, наместо минималецот што го предвиде Владата за избраните и именувани функционери во земјава за овие два месеци, како дел од економските мерки за справување со кризата со коронавирусот.
Со денешната одлука на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на Уредбата за минимална плата за државните функционери (министрите, пратениците, судиите …) и да го замрзне нејзиното спроведување, со примања до 14.500 денари за овие два месеци, веројатно, ќе останат само дел од вработените во приватниот сектор, за што Владата денеска соопшти дека се обезбедени средства за субвенционирање на платите во фирмите што се погодени од кризата.
Затоа, пак, судиите, кои и ја покренаа иницијативата за оценување на владината Уредба за платите, вклучително со членовите на Уставниот суд, ќе останат со досегашните примања. Пресметките на „360 степени“ покажуваат дека месечните примања на уставните судии се за околу шест пати повисоки од минималецот што тие требаше да го земат за април и за мај.
Според Законот за исплата на плати на избрани и именувани функционери, коефициентите на платите на функционерите се од 2,2 до 4,5. Највисокиот коефициент (4,5) на плата го имаат само претставниците на државниот врв, односно претседателите на државата, на Владата и на Собранието.
Веднаш потоа е претседателот на Уставниот суд (таа функција сега ја извршува Сали Мурати, со мандат од три години), чиј коефициент на плата е 4,0 – исто како и за потпретседателите на Владата и на Собранието. Според тоа, ако просечната плата во државата минатата година изнесувала 25 илјади денари, тогаш основната плата на првиот човек на Уставен суд е околу 100 илјади денари.
„Со минимална плата, ние сме ставени како на милост, а сме разумни луѓе. Ние не заслужуваме како избрани и именувани лица вакво дереџе“,
изјавил претседателот на Уставниот суд, на денешната седница, како што пренесува СДК.
Членовите на Уставниот суд, кои ги избира Собранието – со мандат од девет години и без право на реизбор, имаат коефициент на плата 3,7, исто колку и министрите, дел од пратениците, државниот јавен обвинител, претседателот на Врховен суд… Според тоа, соодветно на просечната плата во државата во текот на минатата година, нивните основни примања би изнесувале над 92 илјади денари месечно.
Владата реагираше денеска дека одлуката на Уставниот суд е скандалозна и спротивна на принципот на солидарност за време на епидемијата.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, пак, прв најави конкретен чекор наспроти потегот на Уставен суд. Тој објави на фејсбук дека разликата на неговата плата во однос на минималецот ќе ја уплати во фондот за справување со епидемијата.
„Без оглед на одлуката на Уставниот суд, разликата од мојата плата до 14.500 денари ќе ја уплатам во фондот за борба против епидемијата од вирусот ковид-19. Живееме во време во кое секој од нас треба да покаже барем малку солидарност и колективна одговорност. Државните функционери (секој од нас поединечно) треба да предначат во тоа чувство на одговорност“,
напиша Шилегов.
Коефициентот на плата на градоначалникот на Скопје, исто како и на уставните судии, е 3,7, согласно со Законот за исплата на плати на пратениците и други избрани и именувани функционери.