Од Владата, по денешната седница, соопштија дека овој пат на 377 компании со 2.735 вработени им се одобрени бескаматни кредити во износ од 2.533.892 евра
Со заем од Светска банка, во висина од 50 милиони евра, ќе се реализира една од владините економски мерки за помош на приватните фирми погодени од коронавирусот, преку исплата на „минималец“ за вработените за април и за мај.
На денешната седница, како што соопштија од Владата, донесена е Уредба со која се определува дека финансиската поддршка за спас на работни места ќе се спроведува преку владина програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза. Поддршката ќе се реализира со финансиски средства на сметката на работодавачот-барател за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година, а во износ до 14.500 денари месечно по работник.
*поврзана вест: Уставен го запре минималецот за функционерите, судиите и обвинителите
Денеска Владата, како што се соопштува, ја усвои Информацијата за реалоцирање средства од Проектот за поврзување локални патишта, финансиран од Светска банка, во износ од 50 милиони евра, во насока на кофинансирање на владината мерка за финансиска поддршка на работодавачите.
Исто така, на предлог на Развојната банка, Владата денеска ја разгледа и усвои третата информација за компании кои ги исполнуваат условите иза бескаматни кредити. На вкупно 377 компании со 2.735 вработени им се одобрени бескаматни кредити во вкупен износ од 2.533.892 евра. Во трите групи заедно, се одобрени вкупно 631 кредитни апликации во вкупен износ од 4,7 милиони евра, за компании со 5.588 вработени.
Во вкупно одобрените кредитни апликации, микро – компаниите со најмногу 10 вработени учествуваат со 76 проценти, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22 проценти, а средните компании до 250 вработени се застапени со само еден процент. Од вкупно одобрените 4,7 милиони евра, 2,1 милион евра се за компании во транспортната дејност, 2,4 милиони евра се за компании од угостителството, додека останатите се одобрени на компании во туризмот (туристички агенции и туроператори), информираат од Владата.
Во соопштението од денешната владина седница се потврдува и Одлуката за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава за време на првомајските празници.