Откако претходно објавивме дека Ивица Б., член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е уапсен поради напад на полициски службеник кој извршувал службени дејствија, од Министерството за внатрешни работи пристигна потврда за настанот
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека настанот се случил доцна синоќа, во 00:40 часот по полноќ, во угостителски објект на подрачје на Општина Центар, а лицето Ивица Б. било лишено од слобода од страна на припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.
„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат на МВР.
Инаку, претходно објавивме дека членот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ивица Б., рано утрово нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија, а веднаш по нападот бил лишен од слобода.
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бомјацалиев, кој доаѓа од редовите на СДСМ, на социјалните мрежи напиша дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на службена дејност и побара максимално професионално да се расветли овој случај.