Од Министерството додаваат дека нема правна пречка за примената и понатамошно постапување по договорот бидејќи потписниците на договорот, во случајот Собранието и УКИМ, соодветно го известиле МТСП за склучениот поединечен колективен договор
Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ информира дека остварил средба со ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова, и со претставници на синдикатот на УКИМ при што дошло до решение за признавање на поединечниот колективен договор на УКИМ.

Признавањето на договорот, како што соопшти, значи зголемување на платите на 3 200 вработени во УКИМ.
„Ги повикувам Министерството за образование и наука и Министерството за финансии да изнајдат брзо решение за признавање на колективниот договор и зголемување на платите на вработените во Универзитетот“,
изјави Велковски.
Од Министерството додаваат дека нема правна пречка за примената и понатамошно постапување по договорот бидејќи потписниците на договорот, во случајот Собранието и УКИМ, соодветно го известиле МТСП за склучениот поединечен колективен договор.
Претседателот на Сојузот на синдикати на УКИМ, Ангел Ристов, минатата недела на прес-конференција објави дека надлежните министерства не обезбедиле средства во буџетот за примена на обврските од Колективниот договор склучен меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието, иако тој е во сила од 1 јануари годинава.
Ристов побара и средба со техничкиот премиер Талат Џафери која, како што рече, доколку не се реализира ќе следува протест, а во иднина и можен штрајк.
