Министрите за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, вчера на прес-конференција пред Владата изјавија дека нема да поднесат оставки и изразија уверување дека партијата нема да бара нивно разрешување
Алијанса за Албанците попладнево соопшти дека одлучила да постави нови кандидати за министри за здравство и за информатичко општество и администрација на местата на Фармир Меџити и Азир Алиу, кои исто така како кадри на оваа партија станаа министри во преодната влада.
За министер за здравство се предлага Илир Демири, актуелен директор на Клиничка болница во Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација е предложен Наим Бајрами, магистер по политички науки.
„Врз основа на Статутот на партијата, членовите 152, 154, 156 и член 84, Управниот совет на Алијансата за Албанците со 5 гласа од 7, едногласно одлучи дека министер за здравство се предлага познатиот лекар Илир Демири, актуелен директор на Клиничка болница во Тетово, а министер за информатичко општество и администрација се предлага Наим Бајрами, магистер по политички науки“,
се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.
Министрите за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, вчера на прес-конференција пред Владата изјавија дека нема да поднесат оставки и изразија уверување дека партијата нема да бара нивно разрешување.
Според нив, Алијанса за Албанците (AA) е единствена, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател Арбен Таравари.
Рекоа дека постои една група во партијата која „за нејзини цели, кои ние навистина не ги знаеме во моментов, се здружи со ДУИ и прави таков притисок за АА да оди заедно со ДУИ на изборите“.
Алиу рече дека на вчерашната владина седница, надвор од сите процедури, биле разрешени двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците.
„Третата седница на Владата на РСМ се одвиваше надвор од сите процедури што ги имаме и, за жал, Артан Груби одлучуваше која точка да помине и која да не помине. Сакаме да ве информираме дека Артан Груби, за сите проекти за кои се надлежни МИОА и МЗ едноставно, без да ги чита ги одбиваше, а за жал техничкиот премиер на тоа аминуваше. Од вчера еден дел од групата на АА прават притисок врз директорите, сѐ со цел директорите да бидат на нивна страна. Исто така, денеска на седница на Влада имавме една од точките која беше разрешување на двајца директори од Алијанса. Едната е Бујаре Абази, директор на АД ‘Македонски пошти’ и вториот директор е Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции. И двајцата исклучителни активисти на Алијанса за Албанците и ние ова директно го цениме како фрлање масло на огнот од страна на ДУИ, но за жал договорени со двајца наши заменик-министри коишто за жал гласаа за разрешување на овие директори“,
изјави Алиу.
И Алиу и Меџити рекоа дека како министри постигнале одлични резултати, работеле одговорно, чесно и транспарентно и тоа, веројатно, некому му пречи.
„Ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да нѐ фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва велиме дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии, нека пробаат“,
изјавија двајцата министри.
Превирањата во Алијанса за Албанците, освен меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, направија раздор и меѓу министрите од оваа партија, од Алијанса информираа дека до премиерот ќе предложат разрешување на двајца од тројцата министри кои оваа партија ги има во Владата.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.
Министрите за информатичко општество и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, за кои се бара разрешување, застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари кој викендов преку објава на Фејсбук го повика Централното претседателство на Алијанса да поддржи заеднички настап на партија со опозициските партии на Албанците.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, е на иста линија со поранешниот лидер на Алијанса и актуелниот претседател на Централното собрание на партијата Зијадин Села, кој смета дека партијата треба да настапи самостојно на претстојните избори.