На прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 19,4 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а речиси двојно помалку, односно 10 проценти својот глас би го дале за СДСМ
На истото прашање во шестата изборна единица, 17,9 отсто од испитаниците во ИЕ 6 рекле дека ќе гласаат за ДУИ, а нешто помалку или 16 проценти рекле дека својот глас ќе го дадат за коалицијата на опозицискиот албански блок
ВМРО-ДПМНЕ е во речиси двојна предност пред СДСМ во втората и шестата изборна единица, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС).
Двојно водство на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во ИЕ 2
На прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 19,4 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а речиси двојно помалку, односно 10 проценти својот глас би го дале на СДСМ. Во втората изборна единица за Левица би гласале 3,8 проценти од испитаниците, а за новоформираната партија ЗНАМ на Максим Димитриевски својот глас би го дале 4,5 отсто.

Од партиите од албанскиот блок, во втората изборна единица води ДУИ за која гласот би го дале 6,5 отсто од испитаниците. Веднаш зад неа е коалицијата на опозициските партии на Албанците „Европски сојуз за промени“ за која рекле дека ќе гласаат 5,4 проценти. Нешто помалку од два проценти, односно 1,9 отсто од испитаниците во втората изборна единица рекле дека својот глас ќе до дадат за Алијанса за Албанците.

Вкупно 22 отсто од испитаниците во втората изборна единица рекле дека нема да гласаат за ниедна партија.
На прашањето која партија сметате дека ќе победи на следните парламентарни избори, мнозинство од испитаниците во изборната единица 2, односно 28 проценти, прогнозираат изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Дека ќе победи СДСМ сметаат 10,3 отсто од испитаниците. Изборна победа на ЗНАМ прогнозираат 4 отсто од испитаниците во ИЕ 2, а на Левица 3,4 отсто од испитаниците.

Дека ДУИ ќе биде победник на парламентарните избори сметаат 8,9 отсто од испитаниците во втората изборна единица, а изборна победа на коалицијата „Европски сојуз за промени“ прогнозираат 4,6 отсто. Од вкупниот број на граѓани кои одговориле на анкетата, 2,8 отсто сметаат дека на изборите ќе победи Алијанса за Албанците.

Девет проценти од испитаниците во втората изборна единица одговориле со „ниедна“ на прашањето која партија ќе победи на следните парламентарни избори.
ДУИ во тесно водство пред „Европски сојуз за промени“ во ИЕ 6
Предизборната анкета на ИПИС покажува дека во шестата изборна единица, која ги опфаќа општините во северозападна Македонија, тесна е предноста на ДУИ пред коалицијата „Европски сојуз за промени“ на трите опозициски партии на Албанците. На прашањето за која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори, 17,9 отсто од испитаниците во ИЕ 6 рекле дека ќе гласаат за ДУИ, а нешто помалку, или 16 проценти рекле дека својот глас ќе го дадат на коалицијата на опозицискиот албански блок.
За Алијанса за Албанците би гласале седум проценти од испитаниците во шестата изборна единица.

Дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица се изјасниле 8,1 отсто од испитаниците. За СДСМ рекле дека ќе гласаат 4,4 проценти од испитаниците, за Левица 0,6 проценти, а 0,5 отсто за ЗНАМ.

Високи 20 проценти од испитаниците во ИЕ 6 рекле дека нема да гласаат за ниедна партија.
Мнозинство од испитаниците во шестата изборна единица прогнозираат изборна победа на ДУИ на претстојните парламентарни избори. На прашањето која партија сметате дека ќе победи на следните парламентарни избори, 18,2 отсто од испитаниците одговориле дека победник ќе биде ДУИ, а нешто помалку, или 16,8 проценти, рекле дека на изборите ќе победи коалицијата на албанската опозиција „Европски сојуз за промени“.

Дека изборен победник ќе биде Алијанса за Албанците во ИЕ 6 сметаат 6,2 отсто од испитаниците.

Дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник на следните парламентарни избори сметаат 10,6 проценти од испитаниците во шестата изборна единица. Изборна победа на СДСМ, пак, прогнозираат 2,6 проценти. Дека ќе победи Левица сметаат 0,6 отсто, а 0,5 проценти од испитаниците прогнозираат изборна победа на ЗНАМ.
Прашани која партија ќе победи на следните избори, 10,7 проценти од испитаниците одговориле „ниедна“.
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во предност пред кандидатот на СДСМ
На прашањето за кого ќе гласате на претстојните претседателски избори, 20,2 отсто од испитаниците во втората изборна единица рекле дека ќе гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а 11 проценти за претседателскиот кандидат на СДСМ. За кандидатот на ЗНАМ рекле дека ќе гласаат 5,7 проценти од испитаниците, а 5,2 проценти од анкетираните рекле дека својот глас ќе го дадат за претседателскиот кандидат на Левица.

За кандидатот за претседател на ДУИ рекле дека ќе гласаат 6,7 проценти од анкетираните во ИЕ 2, за претседателскиот кандидат на коалицијата „Европски сојуз за промени“ 5,2 отсто, а за кандидатот на Алијанса за Албанците 3,7 проценти од испитаниците.

Дека нема да гласаат за ниеден претседателски кандидат рекле 17,3 проценти од испитаниците во двојка.
Во шестата изборна единица мнозинство од испитаниците или вкупно 17,6 проценти би го гласале претседателскиот кандидат на ДУИ. Нешто помалку или 16,2 отсто од анкетираните, пак, својот глас би го дале за претседателскиот кандидат на опозициската коалиција на Албанците „Европски сојуз за промени“. За кандидатот за претседател на Алијанса за Албанците би гласале 6,4 проценти од испитаниците во ИЕ 6.

За претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица рекле дека ќе гласаат 7,4 проценти од испитаниците, а за кандидатот на СДСМ гласот би го дале 3,8 отсто од анкетираните. За Левица и ЗНАМ на претседателските избори би гласале 0,6 проценти од испитаниците во ИЕ 6.

Високи 19 отсто од испитаниците во шестка рекле дека нема да гласаат за ниеден претседателски кандидат.