Одлуката со која се бара разрешување на министрите за информатичко општество и здравство, како што соопштија од АА, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените
По отворениот раздор меѓу актуелниот и поранешниот претседател на Алијанса во врска со настапот на партијата на претстојните избори, на површина испливаа и различните ставови на тројцата министри од редовите на Алијанса по однос на ова прашање
По низата превирања во Алијанса за Албанците, кои освен меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, направија раздор и меѓу министрите од оваа партија, од Алијанса информираа дека до премиерот ќе предложат разрешување на двајца од тројцата министри кои оваа партија ги има во Владата.
Предложено е разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и на министерот за здравство Фатмир Меџити. Одлуката за ваквиот предлог, како што соопштија од Алијанса, е донесена од страна на кадровската комисија на партијата со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
„Кадровската комисија на Алијансата за Албанците, составена од седум члена, како единствен орган на АА за кадровски прашања, со мнозинство од пет гласа одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација и министерот за здравство“,
информираа денеска од Алијанса.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.
Еден од министрите на Алијанса за Албанците, за кој партијата бара разрешување, Азир Алиу, денеска на својот фејсбук-профил објави фотографии од средбата која во текот на вчерашниот ден (5 февруари) ја остварил со министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски.
По отворениот раздор помеѓу актуелниот и поранешниот претседател на Алијанса за Албанците во врска со настапот на партијата на претстојните избори, на површина испливаа и различните ставови на тројцата министри од редовите на Алијанса по однос на ова прашање.
Министрите за информатичко општество и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, за кои се бара разрешување, застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари кој викендов преку објава на Фејсбук го повика Централното претседателство на Алијанса да поддржи заеднички настап на партија со опозициските партии на Албанците.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, е на иста линија со поранешниот лидер на Алијанса и актуелниот претседател на Централното собрание на партијата Зијадин Села, кој смета дека партијата треба да настапи самостојно на претстојните избори.
Во актуелниот парламентарен состав на Собранието, Алијанса за Албанците има осум пратеника. Еден од осумтемина, Халил Снопче, викендов ја сподели фејсбук-објавата на Таравари во која тој повика на заеднички изборен настап на Алијанса со опозиционерите од албанскиот блок. На фејсбук-профилите на преостанатите седуммина пратеници главно се забележуваат споделени објави од официјалната страница на партијата.