По средбата на германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев останува отворена можноста одлука за почеток на преговори со Северна Македонија да се донесе уште летово или, сепак, наесен, што е пореална опција.
Меркел му рекла на Заев дека С. Македонија испорачала и дека таа е многу позитивна за досието на земјава. Канцеларката најавила дека Бундестагот најдоцна во септември би одобрил почеток на преговори со С. Македонија, неофицијално дознава „360 Степени“.
Од македонска страна било речено дека земјава во Германија и Меркел има голем поддржувач и стратешки партнер и дека останува увереноста за почнување на преговорите до крајот на годинава.
Останува отворено прашањето каков заклучок ќе добие Северна Македонија на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, предвиден за 18 јуни, кога точката ќе се најде на дневен ред пред министрите на земјите-членки.
Подоцна во денот е најавена изјава на премиерот Зоран Заев во Берлин.
Официјалното владино соопштение е со повоздржан тон и во него пишува дека „канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата“.
„Претседателот на Владата Заев нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември. … Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“,
пишува во владиното соопштение.