Четворицата партиски лидери од С Македонија, според соопштението на кабинетот на косовскиот премиер, на средбата предложиле следниот претседател на земјава да биде од редовите на Албанците, кој „ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија“
Лидерите на трите опозициски партии на Албанците, здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“, Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива) и Изет Меџити (Демократско движење) вчера (30 јануари) во Приштина имале средба со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателот на парламентот на Косово, Глаук Коњуфца. Она што е своевидно изненадување е што заедно со тројцата опозиционери на средбата присуствувал и лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, чија партија е дел од парламентарното мнозинство, заедно со СДСМ и ДУИ.

За средбата, преку објави на своите фејсбук-профили со безмалку идентична содржина, информираа лидерите на трите опозициски партии на Албанците, објавувајќи и фотографија од состанокот.
Во пријателска атмосфера, разговаравме за политичките случувања во нашите земји, за соработката што ќе придонесе за унапредување на положбата на Албанците во Северна Македонија, економскиот развој на двете земји и факторизацијата на Албанците во регионот. На сите заедно ни претстои голема работа и обврски“,
напишаа лидерите на опозициската коалиција на Албанците.
Официјално соопштение за средбата е објавено и на веб-страница на кабинетот на косовскиот премиер. Во него се наведува дека освен за социјалната и економската состојба на Албанците во Македонија, демократијата и напредокот на односите меѓу етничките заедниици, било разговарано и за кандидатот за иден претседател на земјава.
Четворицата лидери од С Македонија, според соопштението на кабинетот на косовскиот премиер, предложиле следниот претседател на земјава да биде од редовите на Албанците, кој „ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија“.
На средбата присуствувал и Беќим Ќоку, кој е советник на Курти. Ќоку кој е од Струга во минатото беше член на Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи, а потоа и на Алијанса за Албанците. Тој сега е член на партијата на косовскиот премиер – Самоопределување.
Инаку, средбата доаѓа на три месеци пред одржувањето на парламентарните и на претседателските избори во земјава и истиот ден кога почна да функционира техничката влада задолжена за нивно спроведување, а на чие чело е Талат Џафери од ДУИ.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити неодамна во интервју за „360 степени“ ја повика Алијанса за Албанците да се приклучи на опозициската коалиција, покана на која партијата и нејзиниот лидер Таравари не дадоа конкретен одговор.

„Јас сум убеден дека ако останат со заеднички листи со ДУИ и ДПА, разочараните гласачи или ќе останат дома или дел од нив ќе гласаат за албанската опозиција, бидејќи го поддржуваат опозицискиот дух и знаејќи го ова, апелирам да ја разгледаат нивната позиција и да дојдат каде што им е местото, во албанската опозиција. Да направиме промена, да создадеме нов политички дух во Северна Македонија, бидејќи ќе биде здраво за демократијата, за процесите“,
рече Меџити во интервјуто емитувано на 16 октомври лани.
Од „Европскиот сојуз за промени“, исто така, неодамна најавија дека на нивните листи ќе има имиња од партијата на Курти – Самоопределување. Ова предизвика реакции во јавноста за тоа како може лица од други држави да бидат дел од изборни листи во земјава кога Изборниот законик забранува учество на странски партии. Во врска со оваа дилема од Државната изборна комисија за „360 степени“ кон крајот на минатата година рекоа дека странска партија не може да учествува на избори во Северна Македонија, но нејзини претставници, хипотетички гледано, доколку имаат македонско државјанство, односно двојно државјанство, и ги исполнуваат условите пропишани со Изборниот законик, можат да бидат кандидати за пратеници.
Лидерот на Демократско движење, Меџити тогаш објасни дека претставници на Самоопределување кои ќе се најдат на заедничките листи за кандидати за пратеници, нема да фигурираат како партија, туку како поединци.