Претседателот на Синдикалната организација на ФЗО, Бранко Аџигогов, најави дека доколку дојде до штрајк тоа ќе значи дека на шалтерите ќе работи по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и другите услуги

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе стапат во штрајк доколку Управниот одбор на институцијата денеска донесе одлука за намалување на платите за 21 отсто.
Претседателот на Синдикалната организација на ФЗО, Бранко Аџигогов, најави дека доколку дојде до штрајк тоа ќе значи дека на шалтерите ќе работи по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите во аптеките, за плати во јавно здравство, како и другите услуги.
Членовите на синдикатот, денеска излегоа пред зградата на Фондот каде го чекаа исходот од продолжението на седницата на Управниот одбор што почнала на 4 јануари за, како што рече Аџигогов, непринципиелниот предлог со кој се бара намалување на платите на вработените.
„Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“,
изјави Аџигогов.
Според него, Управниот одбор моментно не може да донесе одлука затоа што, како што наведе, е поделен.
„Тројца членови цврсто се застанати зад нас, еден е неопределен и двајца членови гласаат против. За да се донесе каква било одлука, потребно е мнозинство од четири члена“,
рече Аџигогов.

Со одлуката, како што рече тој, засегнати се 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, 25 отсто од нив ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку што е минималната плата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски порача дека Владата нема ингеренции да бара ништо од Фонд за здравство бидејќи е самостојна институција.
Деаноски додаде дека Синдикатот и раководството преговарале осум месеци и успеале да издејствуваат 15 отсто покачување на платата, но како што наведе, „министерот за финансии Фатмир Бесими побарал, а Владата го поддржала во барањето да се намалат платите за 21 процент“.
„Од нас се бара да се извршуваат можеби најсложените работни задачи од здравственото осигурување во државата што е примарна дејност на Фонд за здравство. Доколку се донесе ваква одлука со намалување, жал ми е што ќе кажам, но ќе патат само граѓаните, тие кои се на боледување, нема да се работи ништо, какви притисоци и да имаат и вработените кои се членови на Синдикатот на УПОЗ“,
рече Деаноски.
Буџетот на ФЗО, како што рече Аџигогов, е над 46 милијарда денари, од кој за износ за плати се издвојуваат 1,19 проценти.
„Ние како институција сме меѓу најекономичните, односно најмалку трошиме за плати за вработените и за функционирањето“,
рече Аџигогов.