Опозициската партија оцени дека Димитар Ковачевски е премиерот кој најмногу ја оддалечил земјава од Европската Унија, го забрзал иселувањето од државата, ја зголемил сиромаштијата, а за време на неговото претседавање со Владата земјава го добила и најнегативниот извештај од Европската комисија
Почеток на крајот на СДСМ и ДУИ – вака ВМРО-ДПМНЕ го коментира денешното депонирање на оставката на премиерот Димитар Ковачевски до Собранието. Според опозициската партија, во едногодишниот мандат на Ковачевски се случиле најголемите скандали и понижувања на македонскиот народ и држава.

Оценија дека тој е премиерот кој најмногу ја оддалечил земјава од Европската Унија, го забрзал иселувањето од државата, ја зголемил сиромаштијата, а за време на неговото претседавање со Владата земјава го добила и најнегативниот извештај од Европската комисија (ЕК)
„Заради Ковачевски, Македонија оваа година го доби најнегативниот Извештај од ЕК. А пораките од европските претставници за неподносливата корупција во Македонија не запираат да доаѓаат. Во време на Ковачевски безредието и криминалот по улиците ескалираа, се случија најкрвавите пресметки и убиства во центарот на Скопје, а одговорност за сторителите сè уште нема, оваа влада ќе остане запаметена како неспособна да ја гарантира безбедноста на граѓаните. Од 2 проценти доверба во судството, до партизирана администрација и тепање на контролори на летање од бандити на ДУИ, тоа се Ковачевски и СДС“,
рече портпаролката Марија Митева на денешната прес-конференција.
Опозициската партија го обвини Ковачевски и за потпишувањето на договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д, за што досега, како што велат, се префрлени стотици милиони евра на компанијата изведувач, а работа на терен речиси и да нема веќе половина година.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта и за случајот „Онкологија“, но и за проблемите во образованието, доцнењето на учебниците за учениците и ниските стипендии и субвенции за храна на студентите.
„Нема област во која Ковачевски може да се пофали дека направил нешто, исто како што нема област во која може да каже дека не направил скандал. Никогаш повеќе нема да се случи Македонија да биде водена од неспособни кадри како Ковачевски, зашто на 8 мај народот со ВМРО-ДПМНЕ ќе ги порази и испрати во заборав“,
додаваат од партијата.
Претходно денеска премиерот Димитар Ковачевски во Собранието лично ја достави својата оставка, со што официјално започнаа процедурите за формирање на техничката влада која треба да биде избрана на 28 јануари, на точно сто дена пред парламентарните избори закажани за 8 мај.