Важно е да го зачувате гласот за ноемвриските избори. Гласањето овој вторник само им помага на републиканците во нивниот обид за реизбор на Доналд Трамп, велел гласот
Додека гласачите во Њу Хемпшир се подготвуваат да гласаат на првичните избори во вторник, автоматски повик до демократите да останат дома кружи низ државата, користејќи лажна аудио снимка на американскиот претседател Џо Бајден.
„Важно е да го зачувате гласот за ноемвриските избори. Гласањето овој вторник само им помага на републиканците во нивниот обид за реизбор на Доналд Трамп“,
велел гласот.
Белата куќа потврди дека повикот не бил снимен од Бајден и дека инцидентот ги истакнува предизвиците на новите технологии, особено пред претседателските избори во ноември.
„Претседателот беше јасен дека има ризици со лажна содржина. Новите технологии можат да го влошат проблемот со лажните слики и дезинформациите“,
изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер за новинарите во Вашингтон.
Јавниот обвинител на Њу Хемпшир Џон Формела, најави отпочнување истрага за очигледен „незаконски обид да се попречат прелиминарните избори за претседател во Њу Хемпшир“.
Менаџерот на кампањата на Бајден, Џули Чавез Родригез, рече дека повикот е „дезинформација“ и обид да се потисне гласањето. Поддршката за кампањата на Бајден ќе се следи внимателно поради слабите резултати од анкетите за претседателот, иако резултатите немаат никакво влијание врз номинацијата на демократите.
Името на Бајден нема да биде на гласачкото ливче во вторник бидејќи Демократската партија одлучи Јужна Каролина да биде првата држава што ќе ги отвори прелиминарните избори. На аудиоснимката се слуша како гласот на Бајден изговара една од неговите препознатливи фрази: „Каков куп глупости“.
Во повикот е вклучен и приватниот број на Кети Саливан, поранешна комесарка за гласање во Њу Хемпшир и претседателка на Демократската партија во Њу Хемпшир. Саливан лажниот повик го нарече обид за мешање во изборите и повика на истрага.
„Повеќе луѓе изјавија дека примале лажна гласовна порака, снимена со вештачка интелигенција, имитирајќи го гласот на претседателот Бајден, во обид да го потиснат нивното учество на претстојните прелиминарни избори во Њу Хемпшир“,
рече таа.
Кампањата на поранешниот претседател Доналд Трамп соопшти дека нема „апсолутно никаква врска“ со лажниот повик.