Пред утрешната средба со германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот Зоран Заев вечерва од Берлин порача дека одлагањето на почетокот на преговори со ЕУ за земјава не само што ќе ја доведе во прашање стабилноста на владејачката коалиција туку и „ќе го дополни со гориво ултранационализмот на претходниците во владата“. Во обраќањето на годишниот прием на Стопанската комора на СР Германија за источна Европа, Заев порача дека Владата очекува отворање на пристапните преговори со ЕУ овој јуни, како што е запишано во заклучоците од Советот на ЕУ од минатата година.
„Сметаме дека заслужуваме одлука втемелена на постигнувањата. Одложувањето на таквата одлука ќе се смета за негативно и ќе има негативни ефекти. Која било друга одлука освен онаа за отворање на поглавјата за преговори негативно ќе се одрази на внатрешните политички процеси и ќе ја стави под знак прашалник стабилноста на владината коалиција. Дополнително, ќе ја разбуди разочараноста кај граѓаните, ќе го запре имплементирањето на Преспанскиот договор и ќе нанесе штета на динамиката на реформите. Тоа ќе го дополни со гориво ултранационализмот на нашите претходници во владата, нешто што јас и моите колеги го отфрливме.“
рече Заев во обраќањето
Според него, одложувањето на одлуката ќе го покрене и прашањето за кредибилитетот на ЕУ што ќе отвори патот за трети страни да се вмешаат во регионот. Кога најдобриот пример во Западниот Балкан се казнува, тоа ќе прати негативна порака до другите во регионот кои се мотивирани за демократски реформи и интеграција во ЕУ, рече премиерот Заев, додавајќи дека тоа ќе биде сигнал дека нема полза од решавањето на отворените билатерални прашања и инвестирањето во тешки внатрешни реформи.
За утре претпладне е закажана средбата Меркел-Заев од која се очекува информација за временската рамка во која С. Македонија може да се надева на старт на пристапните преговори со ЕУ.