Како ќе се однесуваат вработените во ЈСП зависи од седницата на Советот на Град Скопје, изјави пред почетокот на протестот претседателот на синдикалната организација на ЈСП, Миќо Стојановски. Тој информира дека освен автобусите на ЈСП утринава до 9 часот сообраќале и приватните превозници бидејќи, како што вели, и тие зависат од субвенцијата што ЈСП ја добива за 2024 година
Околу 400 вработени на ЈСП „Скопје“ денеска излегоа на протест пред просториите на Град Скопје од каде што го чекаат исходот од вонредната седница на Советот на која советниците треба да расправаат по однос на исплата на субвенции за Јавното претпријатие.
Во исчекување на вонредната седница на градските советници, вработените во ЈСП меѓу себе си делеа топол чај, со оглед на утринските минусни температури во главниот град.
Како ќе се однесуваат вработените во ЈСП зависи од седницата на Советот на Град Скопје, изјави пред почетокот на протестот претседателот на синдикалната организација на ЈСП, Миќо Стојановски.
„Затоа се собравме денеска во голем број да извршиме еден мал притисок врз советниците на Град Скопје кои веќе неколку месеци ја ескивираат и не ја носат одлуката за субвенционирање на буџетот. Ако денеска седницата на Советот на Град Скопје заврши онака како што вработените и синдикатите сакаат, тогаш во попладневните и во вечерните часови јавниот градски превоз ќе функционира нормално“,
изјави Стојановски.
Доколку, како што рече, биде донесена одлука за парцијално решение или месец за месец, што на вработените во ЈСП не им одговара, тогаш во наредниот период ќе биде стопиран јавниот градски превоз во Скопје.
Освен автобусите на ЈСП, Стојановски информира дека до 9 часот утринава возеле и приватните превозници.
„Приватните превозници денеска возеа до 9 часот, исто како нас, и нема да возат сè додека не се договориме и продолжиме, затоа што со приватните превозници сме заедно и тие зависат од цената и од субвенцијата што ЈСП ја добива за 2024 година“,
додава синдикалниот претседател.
Вработените на ЈСП на паркингот пред Зоолошката градина имаат паркирано неколку автобуси, а на протестот е присутно и полициско обезбедување.