Владејачката коалиција во Бугарија прави сè што може за да се забрза процесот за влез на Бугарија во еврозоната, но не сме сигурни дека посочениот датум за воведување на еврото ќе биде достигнат, рече премиерот на Бугарија, Николај Денков
Во интервју за бугарското радио Дарик, Денков посочи дека датумот за воведување на еврото во Бугарија не е сигурен, но дека владејачката коалиција ги прави сите можни напори за да се забрза процесот на влегување на земјата во еврозоната, со што конечно ќе се воведе еврото, а ќе се отстрани бугарскиот лев.
„Тоа што е свето не е датумот, туку да се има јасна насока и да се работи на тоа. Ова е добро за бизнисот, добро за граѓаните, добро за контролата на финансиските институции“,
рече Денков.
Бугарија требаше да го воведе еврото на 1 јануари годинава, но се откажа од тие намери бидејќи стапката на инфлација во земјата не го исполни стандардот и допрва треба да направат одредени законски измени. Потпретседателот на Еворпската комисија, Валдис Домбровскис, во февруари минатата година кажа дека Бугарија ќе влезе во еврозоната кога ќе ги исполни сите криетериуми и го посочи 1 јануари 2025 година како еден од можните датуми за тоа.
Инаку, на почетокот на годинава во Службениот весник на Европската Унија беше објавено дека од 31 март годинава Бугарија и Романија ќе станат дел од Шенген-зоната по воздушен и воден пат, но не и по копнен.
Софија долги години бара да се приклучи на Шенген-зоната, но за одлуката е потребно одобрение од сите членки на ЕУ. Холандија и Австрија не сакаа да ја прифатат Бугарија наведувајќи ги нејзините проблеми со владеењето на правото и граничната контрола.