Во изјава за ТВ Сител, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, Валентина Цвејоска-Чолаковска, вели дека од моментот на прием на детето во болницата се направени преврски на раните и е започнато со интензивно лекување. Мајката на детето кажала дека раните се предизвикани од напад на куче пред две недели, но тоа дополнително ќе се истражува
Четиригодишното неухрането девојче од Струмица, кое пред три дена во тешка состојба, со гангренозни рани, повреди по телото и скршеници беше примено во Клиниката за детски болести во Скопје, е во стабилна состојба, но под интензивен медицински надзор, објави Сител. Директорката на клиниката Валентина Цвејоска-Чолаковска изјави дека иако состојбата е стабилизирана потребно е многу вложување за одржување на здравствената состојба.
„По спроведување на првичните постапки за стабилизација на детето, беа вклучени и колеги од Детска хирургија и Инфективна, направени се преврски на раните и започнато е интензивно лекување. Инаку, што се однесува до раните, мајката кажа дека тие се од напад на куче пред две недели“,
рече директорката Валентина Цвејоска-Чолаковска.
При дијагностичките прегледи кај девојчето биле утврдени скршеници по телото, а таа била донесена во толку тешка состојба што докторите на клиниката се прашувале како воопшто таа преживеала. За тоа што точно се случило, одговор треба да даде истрагата на полицијата, социјалните служби и судски вештак, иако нејзината мајка на лекарите им кажала дека повредите се последици на напад на куче од пред две недели.
Случајот наликува на оној од пред дванаесет дена кога на скопската клиника почина двегодишно дете од Кичево со тешки повреди по телото. За овој случај, обвинет беше таткото на девојчето кој доби триесетдневен притвор.