Изнесувајќи детали за настанот, од ОЈО Кичево посочуваат дека осомничениот на 18 декември минатата година со раце и нозе ѝ нанел повеќе удари на ќерката, предизвикувајќи ѝ тешки телесни повреди. Девојчето се здобило со скршеница на коска на черепот, мозочно крвавење и скршеници на две ребра
Триесетгодишник од Кичево е осомничен дека ја лишил од живот сопствената двегодишна ќерка при вршење семејно насилство. Ова денеска го соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кичево, од каде што информираат дека е покрената истрага за случајот и е предложен притвор за осомничениот.

Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството посочуваат дека осомничениот на 18 декември минатата година со раце и нозе ѝ нанел повеќе удари на ќерката, предизвикувајќи ѝ тешки телесни повреди. Девојчето се здобило со скршеница на коска на черепот, мозочно крвавење и скршеници на две ребра.
„Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје“,
посочуваат од ОЈО Кичево.
Во врска со случајот денеска се огласија и од Министерството за здравство. Оттаму преку писмено соопштение информираат дека девојчето на 19 декември во коматозна состојба било примено на Ургентниот центар во Кичево. Детето било донесено во кичевската болница од страна на својата мајка.
Поради критичната состојба, детето било пренесено на Ургентниот хируршки центар во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, а потоа и на Клиниката за неврохирургија.
„И покрај сите заложби на лекарите, за жал двегодишната пациентка подлегна на тешките телесни повреди на 08.01.2024 година. Здравствените институции каде што беше примена и третирана пациентката, целосната документација за хоспитализацијата и третманот, ја предадоа на надлежните истражни органи“,
информираат од Министерството за здравство.