Во декларацијата, Високата комисија за човекови права на ОН ги споменува заложниците и вели дека 136 од нив сè уште се во заробеништво на „вооружените палестински групи“, но не бара нивно ослободување, како во минатите документи
Израел ја критикуваше Високата комисија за човекови права на ОН што во својот повик за прекин на огнот не го спомналa ослободувањето на заложниците што Хамас ги држи во Газа.
„Нема ниту еден збор со кој се бара ослободување на заложниците приведени во Газа. Барањето за прекин на огнот без барање за ослободување на заложниците и разоружување на Хамас е повик за победа на тероризмот“,
објави израелската мисија во ОН на социјалните мрежи.
Израел реагираше на изјавата што денеска ја објави Комисијата, а во која се зборува за „неуспесите“ на Израел да го почитува меѓународното хуманитарно право, како и принципите на „дистинкција, пропорционалност и претпазливост“ во спроведувањето на неговите операции.
Портпаролката на Комисијата, Елизабет Тросел, во изјава за медиумите, рече дека непочитувањето на овие обврски може да резултира со кривично гонење за воени злосторства, пишува агенцијата Франс прес.
Високата комисија ги споменува заложниците во декларацијата
Војната во Појасот Газа започна со напад на милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа 1 140 цивили, по што Израел започна сопствена воена операција во која загинаа 23 469 луѓе, главно жени, деца и млади, според локалните власти.
Во декларацијата, Високата комисија ги споменува заложниците и вели дека 136 од нив сè уште се во заробеништво на „вооружените палестински групи“, но не бара нивно ослободување, како во минатите документи. Во декларација исто така се споменува и дека стотици Палестинци се незаконски приведени на непозната локација, „внатре и надвор од Газа“.
„Некои од нив беа ослободени и тврдат дека биле жртви на злоупотреба и тортура од страна на израелската армија. Израел мора веднаш да го запре произволното притворање, тортурата, малтретирањето и исчезнувањето на Палестинците во Газа и мора независно и ефективно да ги истражи овие злосторства и да ги гони виновниците, како и да спречи тие да се повторат“,
рече Тросел.