Во петицијата, финската музичка индустрија се обединува, со цел да изрази загриженост за учеството на Израел поради неговото учество во војната против Хамас во Газа
Музичарите тврдат дека учеството на Израел би претставувало кршење на човековите права и сметаат дека е несоодветно земјата да го користи овој натпревар за да го подобри својот имиџ
Повеќе од 1 300 фински музичари потпишале петиција со која се повикува да се исклучи Израел од учество на Изборот за песна на Евровизија, што треба да се одржи во Малме во мај 2024 година.
Причините кои финските музичари ги навеле се воените дејствија што Израел ги прави во Газа, пренесува Би-би-си.

Музичарите посочиле дека доколку Израел не биде исклучен од натпреварот, бараат од Финскиот јавен радиодифузен сервис „Иле“ да го повлече учеството на Финска од Евровизија.
Во петицијата, финската музичка индустрија се обединува, со цел да изрази загриженост за учеството на Израел поради неговото учество во војната против Хамас во Газа.
Музичарите тврдат дека учеството на Израел би претставувало кршење на човековите права и сметаат дека е несоодветно земјата да го користи овој натпревар за да го подобри својот имиџ.
Лукас Корпелаинен, еден од авторите на петицијата, вели дека не е прифатливо Израел да учествува на Изборот за песна на Евровизија, со цел да го „полира“ својот имиџ.
Меѓу потписниците се финските уметници Олави Усивирта, Палефејс и Аксел Енстром, кои ја претставуваа земјата на натпреварот во 2011 година.
Тие го обвинуваат „Иле“ за двојни стандарди, велејќи дека радиодифузерот бил меѓу првите што побарал забрана за учество на Русија на натпреварот во 2022 година, а велат дека очекуваат истото да го стори и сега.
Овој повик за исклучување на Израел од Евровизија следи по слични барања од други земји, вклучително и Исланд.
Израел е една од 37-те земји пријавени на натпреварот, но конечната одлука за неговото учество не е донесена од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како што потврдил Јере Нурминен, шеф за комуникации во „Иле“.
Според Би-би-си, Изборот за песна на Евровизија и во минатото се соочиил со политички контроверзии, кога Русија беше исфрлена од учество во 2022 година поради инвазијата на Украина.
Оваа одлука беше поддржана од Шведска и другите нордиски земји.
Претставникот на „Иле“, Вил Вилен рече дека ситуацијата во Израел и Газа не е сосема иста како таа со Русија.
„Колку и да е страшно, тоа не е војна на меѓудржавна агресија како меѓу Русија и Украина“,
изјавил тој за фински медиуми.
Според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас, повеќе од 23 350 луѓе се убиени во Газа за време на израелската воена кампања, а главно се жени и деца.
Војната беше предизвикана по нападот на вооружени лица на Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од Израел, САД, Велика Британија и други западни влади врз јужен Израел. Околу 1 300 луѓе беа убиени, а околу 240 други беа земени како заложници.
Израел започна одмазднички воздушни напади врз Газа пред да започне копнена операција со наведена цел „да ги уништи воените и управувачките капацитети на Хамас“, како и да ги ослободи заложниците.
Агенциите на ОН велат дека 26 отсто од жителите на Газа – 576 600 луѓе ги исцрпиле резервите на храна и капацитетите за справување и се соочуваат со катастрофален глад.
Според агенција на ОН за палестински бегалци, 1,9 милиони жители на Газа – околу 85 отсто од населението се раселени, а 1,4 милиони од нив се засолнети во нејзините објекти.