Мато Франковиќ вели дека ова не е прва закана што ја добил како градоначалник или претходно како претседател на градскиот совет на Дубровник. Секоја од заканите вели дека е пријавена во полиција, вклучително и последната. Вели дека ја објавил јавно затоа што е неопходно да се предупреди за одговорноста на оние што се закануваат
Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, на својот фејсбук-профил објави дека добил анонимна смртна закана поради настапот на Здравко Чолиќ за дочекот на Новата година кој се одржа центарот на градот.

„Другар Франковиќ, го браневме Дубровник од четниците и Србите во 1991 година, а ти денес каниш српски пејачи на Страдун како Здравко Чолиќ и Цеца што им пееле на четниците, и сега мислиш дека ќе се потсмеваш со хрватскиот народ. Последно предупредување дека ќе го изораме целиот Страдун со динамити, а тебе ќе те обесиме на јарбол на Страдун“,
е напишано во анонимно писмо, потпишано со „Хрватските бранители Тигри и 4. бригада на Хрватска“.
„Честитка за добро утро од ‘бранителите’ кои немале храброст да се потпишат“,
објави градоначалникот на Дубровник на Фејсбук, приложувајќи фотографии од анонимното писмо.
Франковиќ вели дека ова не е прва закана што ја добил како градоналачник или претходно како претседател на градскиот совет на Дубровник. Секоја од заканите вели дека е пријавена во полиција, вклучително и последната. Вели дека ја објавил јавно затоа што е неопходно да се предупреди за одговорноста на оние што се закануваат.
„Не би рекол дека заканата е мала. Сериозно е“,
изјави Франковиќ, но додаде дека не планира да користи посебни мерки за заштита и дека најважно за него е неговото семејство да биде заштитено.
Тој додаде дека е во добри односи со ветеранската популација и дека не е сигурен оти зад анонимното писмо стои ветеран.