Спасувањето било олеснето со падот на нивото на водата во пештерата, кое поради обилните вржени во саботата се зголеми, оневозможувајќи му на семејството и на двајцата водичи да ја напуштат
Пет лица кои од саботата беа заробени во пештера во Словенија, се успешно извлечени оттаму. Словенечката спасувачка служба соопшти дека петтемина се извлечени од пештерата денеска околу 15 часот.

Се работи за тричлено семејство и двајца водичи кои од саботата останаа заглавени во пештерата. Спасувањето било олеснето со падот на нивото на водата во пештерата, кое поради обилните вржени во саботата се зголеми, оневозможувајќи му на семејството и на двајцата водичи да ја напуштат.
„Успешно е завршено спасувањето од Крстовата пештера. Во 15:05 сите спасувачи и заробени лица излегоа од пештерата. Честитки до сите спасувачки тимови за одличната акција“,
соопштија од спасувачките служби на Словенија.
Откако ја напуштиле пештерата, петте лица биле прегледани од лекари кои утврдиле дека сите се во добра физичка состојба и дека не е потребно болничко лекување. Тие биле упатени на психолошки преглед, по што било утврдено дека не им е потребна ниту дополнителна психолошка помош.