Од Јавното обвинителство информираат дека осомничените се во скопскиот Кривичен суд, но не наведуваат за колку лица станува збор и велат дека се чека каков предлог ќе даде Обвинителството и потоа лицата да бидат изнесени пред судија на претходна постапка
Четири лица, поврзани со вчерашниот упад во М-НАВ, кога неколку лица и вработен во Навигацијата упаднаа во институцијата и нападнаа друг вработен, вечерва се донесени во Основниот кривичен суд Скопје, потврдуваат за „360 степени“ од Судот.
Осомничените, во Кривичниот суд, беа донесени со шест возила.
Од Јавното обвинителство информираат дека осомничените се во скопскиот Кривичен суд, но не наведуваат за колку лица станува збор и велат дека се чека каков предлог ќе даде Обвинителството и потоа лицата да бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) синоќа информираа дека по упадот во Македонска навигација четири лица поврзани со настанот се во полициска станица и со нив се вршат службени разговори.
Инаку, освен овие четворица, полицијата, како што соопшти МВР, трага по уште четири лица поврзани со настанот.
Засега официјално не е познат точниот број на лица кои упаднаа во Навигација, но според она што досега е познато од соопштенијата на МВР, најверојатно станува збор за осум лица.
Денеска, од МВР информираа дека во полициска станица е и актуелниот претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир и вработен во Македонска навигација (М-НАВ), Беким Незири, со кого се врши службен разговор.
Засега од МВР не прецизираат дали Беким Незири бил меѓу лицата кои уште синоќа завршија во полициска станица или бил дел од четворицата по кои се трагаше.
Инаку Незири, според неофицијалните пишувања на медиумите кои се повикуваат на полициски извори, наводно бил вработениот во М-НАВ и ги внел членовите на групата која вчера упадна во просториите на Контролата на летање и нападна тројца вработени во институцијата.
Од Обвинителството денеска информираа дека во тек се дејствија за расчистување на настанот.
Упадот во Македонска навигација се случи вчера попладне непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, на која тој информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.
Како што рече Тасевски, по упадот, возилата со кои лицата дошле во кругот на зградата на М-НАВ воопшто не биле спречени од двојното обезбедување да му пристапат на објектот. Тие го поминале и обезбедувањето кое го врши надворешна фирма, но и обезбедувањето на М-НАВ.