На 26 април 2018 година, на собраниска седница за пратенички прашања, од премиерот Зоран Заев беше побаран одговор – дали е вистина дека негов братучед почнал со одгледување марихуана за медицински потреби. Тој потврди и истовремено ги повика сите кои можат, да се вклучат во бизнисот.
изјави премиерот Зоран Заев на 26.4.2018 година.
„Заради тоа што продуктот е многу вреден, се плаќа скапи пари, а со тоа во Македонија ќе влезат сериозни девизи 100 милиони евра само од овие 8 лиценци значат 0,1% од бруто домашниот производ на државата, така да во суштина е таа информацијата.“
Една година и еден месец подоцна „360 Степени“ истражува – колку пари навистина врти овој бизнис? Кусиот одговор засега е – ниту приближно од проектираните бројки кои лани беа искажани од собраниската говорница.
Кога премиерот Зоран Заев ги сподели очекувањата за бизнисот со марихуана за медицински потреби, на територијата на земјата имаше 8 фирми кои имаа дозвола за дејноста. Денес нивниот број е вкупно 20. Како што се гледа од мапата, најголемиот дел од нив се регистрирани на истокот и југоистокот од земјата, но има и во Охрид, Гостивар, Ресен, Скопје, Куманово.
Вкупниот основачки капитал во тие 20 компании изнесува 4,9 милиони евра. Но, не сите инвестираат рамномерно. Само шест фирми имаат основачки капитал повисок од 100.000 евра.
- „Каба Хербал“ од Скопје – 243.000 евра
- „Оаза алкалоиди“ Штип – 260.000 евра
- „Канабис-про“ Струмица – 298.000 евра
- „5 Летерс“ Ресен – 550.000 евра
- „МАМ“ Свети Николе – 1.300.000 милиони евра
- „НЈСК Холдинг“ Скопје – 2.030.000 милиони евра
Освен значителниот основачки капитал, оваа шесторка ја врзува и фактот што сите имаат „странци“ во сопственичката структура.
- Сопственичката на „Каба Хербал“ има адреса во Полска;
- „Канабис-про“ меѓу газдите има и фирма со бугарски капитал;
- „Оаза Алкалоиди“, меѓу сопствениците, има и албански државјанин;
- Меѓу газдите на „5 летерс“ од Ресен има Американец;
- Во „МАМ“ Свети Николе словенечка фирма;
- Од неодамна сопствеништвото на „НЈСК Холдинг“ завршува во Полска.
Странски „играчи“ има и во други компании со лиценца за одгледување на марихуана за медицински потреби, од Србија, Албанија, Турција, Холандија и Бугарија.
Еден интересен пример е бугарската „Минстрој Холдинг“, која сакаше да го реорганизира „Фени“. Тие се партнери во „Бул-билдинг“ од Струмица.
Токму „Бул-билдинг“ е интересна и од аспект на „домашните играчи“. Таму може да се најде името на Александар Пиперевалиев од Струмица, кој е ко-сопственик во уште две фирми, „Т.Х.Ц“ од Скопје и „Микеси“ од Зелениково. Еден од партнерите на Пиперевалиев во „Бул-билдинг“ е и Горан Крстев, бизнисмен кој заедно со братот на премиерот, Вице Заев, беа газди на „Сара-Јавор Инженеринг“.
Директно, семејството Заеви е вклучено во две компании кои произведуваат марихуана за медицински потреби – „МАМ“ од Свети Николе и „Фарма-медика канабис“ од Валандово.
Интересна е и фирмата „Канабис-про“ од Струмица, каде меѓу сопствениците е поранешниот пратеник на СДСМ, Драган Ѓоргиев. Меѓу партнерите имаат фирма со бугарски капитал, чиј управител Жарко Миленкоски е и менаџер на една од галиите на Вардар, во центарот на Скопје.
Најголема фирма сепак останува најстарата – „НЈСК Холдинг“. Неодамна беше продадена за 3,25 милиони долари, од сопствениците во САД на сопственици во Полска. Раководството засега е исто – управител е Златко Кесковски – поранешен телохранител на претседателот Борис Трајковски, а потоа универзитетски професор.
Многу имиња, многу странски партнери, но засега мали приходи. Од првата лиценца до крајот на минатата година, компаниите што работат во дејноста пријавиле вкупни приходи од само 333.000 евра. Во исто време, расходите им се десетпати поголеми. Вкупно потрошиле 3,3 милиони евра.
Дејноста засега не може да се пофали и со многу вработени. 20-те компании пријавиле вкупно 210 лица, според годишните сметки за 2018 година. Сепак, овој податок мора да се земе со резерва. Причината е што дури 5 компании, односно 25% од играчите на пазарот, пријавиле дека имаат вработени, но во исто време пријавиле и 0 трошоци. Тоа значи дека или вработените работат без пари или пак се платени на друг начин.
Одговорот не може да се најде од документите во централниот регистар. Тоа може да го направат само надлежните инспекциски служби.