Со Орден за заслуги претседателот ги одликува актерите Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски, признанието Медал за заслуги им беше врачено на членовите на трио од популарното хумористично шоу „К-15“, а на Албанскиот театар му беше доделено признанието Повелба на Република Северна Македонија
Триото од легендарното хумористично телевизиско шоу „К-15“, актерите Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски, како и Албанскиот театар, вечерва на свечена церемонија во Даут-пашин амам во Скопје беа одликувани со признанија за заслуги од страна на претседателот Стево Пендаровски.
Со Орден за заслуги претседателот ги одликува актерите Тодоровски, Мјаку и Ангеловски.
Актерот Гоце Тодоровски со Орденот за заслуги е одликуван за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност.

Тодоровски на средбата со претседателот Пендаровски, што беше прикажана на свеченоста во Даут-пашиниот амам, рече дека орденот за заслуги ќе го носи во срцето.
Со Орденот за заслуги актерот Коле Ангеловски, пак, се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм.

Ангеловски во обраќањето рече дека ова е големо признание за него.
Актерот Бајруш Мјаку е одликуван за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар кој се втемели како една од централните театарски фигури во земјава.

Пред присутните рече дека кога одлучил да студира актерство, верувал дека избрал привилегирана и племенита професија која ќе му донесе слава, но кога почнал да работи како актер во Албанската драма при Театарот на народности во Скопје, сфатил дека актерството не е професија, туку мисија.
Признанието Медал за заслуги за Република Северна Македонија им беше врачено на членовите на трио од популарното хумористично шоу „К-15“ – Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Љупчо Бубо Каров.

Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во шоуто „К-15“ и воопшто за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина.

Огњановски и Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и кои, како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови оставаат белег и поттик за развој на овој вид творештво во иднина.

Признанието Повелба на Република Северна Македонија му беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење низ кое се етаблирал во една од водечките уметнички институции којашто остварува значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање од настанот истакна дека вреднувањето на она што поединци и институции му го оставаат во наследство на својот народ, особено кои со своето дело го имаат задолжено општеството на кое припаѓаат, е обврска и одговорност на секоја сериозна држава, но и чин кој сигурно не е само од протоколарен карактер.