Покрај кандидати за министри и заменик-министри во техничката влада, предложени се и кандидати за позицијата дополнителен заменик-министер во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика – двете министерства чии челни позиции, според Законот за влада, на сто дена пред изборите ѝ припаѓаат на најголемата опозициска партија
Според истиот Закон, партијата на власт со најголем број на пратеници во парламентот, номинира кандидати за дополнителен заменик-министер во овие две министерства. За кандидат за дополнителен заменик-министер во МВР, е предложен Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, а за оваа позиција во МТСП е предложена актуелната министерка Јованка Тренчевска
Владејачкиот СДСМ вечерва на седница на Централниот одбор (ЦО) ги утврди кандидатите за министри, заменик-министри и дополнителни заменик-министри од редовите на партијата во техничката влада со која, на сто дена пред парламентарните избори, ќе раководи актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.
За кандидати за министри од редовите на СДСМ во техничката влада, предложени се истите луѓе кои и сега се на овие позиции во министерствата.
За вицепремиер за политики за добро владеење е предложена Славица Грковска, за вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, а за европски прашања Бојан Маричиќ. Бисера Костадиновска-Стојчевска е предложена за министерка за култура, Каја Шукова за министерка за животна средина, кандидат за министер за земјоделство е Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски, а за одбрана Славјанка Петровска.
За кандидати за заменик-министри во техничката влада, исто така, се предложени актуелните заменици во ресорите Правда (Викторија Аврамовска-Мадиќ), Здравство (Маја Манолева), Информатичко општество (Александар Бајдески), Финансии (Филип Николовски) и Локална самоуправа (Мики Крстев).
Митко Бојмацалиев и Јованка Тренчевска кандидати за позицијата дополнителен заменик-министер во МВР и МТСП
Покрај за министри и заменик-министри, Централниот одбор на СДСМ на вечерашната седница утврди и кандидати за позицијата дополнителен заменик-министер во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика – двете министерства чии челни позиции, според Законот за влада, на сто дена пред изборите ѝ припаѓаат на најголемата опозициска партија.
Според одредбите од истиот Закон, партијата на власт со најголем број на пратеници во парламентот номинира кандидати за дополнителен заменик-министер во овие две министерства.
За кандидат за дополнителен заменик-министер во МВР, Централниот одбор на СДСМ го утврди Митко Бојмацалиев, актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, а за оваа позиција во Министерството за труд и социјална политика е предложена актуелната министерка Јованка Тренчевска.
Јован Митрески утврден за кандидат за претседател на Собранието
Централниот одбор на СДСМ вечерва, меѓу другото, ја потврди одлуката на Извршниот одбор на партијата од почетокот на месецов и актуелниот координатор на пратеничката група во парламентот, Јован Митрески, го утврди за кандидат за претседател на Собранието во периодот на техничката влада.
Митрески ќе го замени актуелниот спикер Џафери кој на сто дена пред изборите се очекува да биде избран за премиер на техничката влада.
На вечерашната седница на ЦО е потврдена и одлуката со која генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, е избран за шеф на централниот изборен штаб на партијата. За претседавач со Централниот одбор на СДСМ е избрана Славјанка Петровска, која заедно со Дашмир Афети од Желино е избрана и за нов член на ЦО.
Покрај овие, на денешната седница на ЦО се донесени и одлуки со кои се утврдуваат Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидат на СДСМ за претседател на државата и за кандидати за пратеници, како и одлука за свикување на 27. конгрес на СДСМ за утврдување на претседателскиот кандидат и 28. конгрес за утврдување на кандидатите за пратеници.