Во однос на претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и 8 мај, Ковачевски смета дека иден претседател на државата ќе биде оној што ќе го предложи СДСМ и коалицијата, а дека тој ќе биде повторно премиер кој ќе ја предводи, како што вели тој – проевропската Влада

Сите кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонските граѓани да живеат достоинствено, вели примерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за Цивил медиа. Тој не даде конкретен одговор на прашањето дали ќе има формализиција во предизборни коалиции по најавата за формирање на европски фронт.
„За тоа кој ќе биде дел од таа проевропска коалиција, со оглед на фактот што истата е отворена и се очекува да биде најширока можна, можам да кажам дека јас очекувам сите прогресивни сили кои сакаат оваа земја да ја видат како се движи напред да се приклучат. Дали тоа формално ќе значи предизборни коалиции, прерано е да се зборува, она што е важно во моментов е да се обединиме по однос на вредностите кои ги застапуваме. И затоа во овој момент, овој политички концепт кој во својата суштина е државнички концепт за иднината на земјата е исклучително важен. Јасната дистинкција по прашањето на евроинтеграциите е многу важна сега. Граѓаните имаат право и треба да знаат која партија или политички чинител има во план има за наредниот мандат“,
кажа Ковачевски.
Тој смета дека во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ земјата била во изолација.
„Тогаш бевме заедно со Хрватска и дури и предничевме, а денеска Хрватска е членка на ЕУ, а ние сме со отпочнати преговори со ЕУ. Многу години и многу генерации изгубени. Тоа не смееме да го дозволиме да се случи пак. Со ДПМНЕ нема иднина, нема членство во ЕУ ниту за 100 години и тоа и многу јасно го кажа Мицкоски, јавно, на телевизија. Самиот потврди дека тие немаат намера да го продолжат европскиот пат. Како што кажа тој, ‘може да бидат и сто години’, а ‘можеби и никогаш да не биде’. И затоа е јасно дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја преземе власта, државава е осудена на изолација, иста каква што гледавме 11 години, со тоа што последиците сега ќе бидат несразмерно поголеми и на штета на граѓаните“,
вели премиерот.
Во однос на претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и 8 мај, Ковачевски смета дека иден претседател на државата ќе биде оној што ќе го предложи СДСМ и коалицијата, а дека тој ќе биде повторно премиер кој ќе ја предводи, како што вели тој – проевропската Влада.
