На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати: Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ
Сoња Симовска ќе биде вршител должноста државен јавен обвинител на местото на Љубомир Јовески, чиј мандат истекува на 25 декември. Симовска, која е од редовите на јавните обвинители на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, беше едногласно избрана на денешната седница на Советот на јавните обвинители.

Предлогот Симовска да биде определена за в.д. државен јавен обвинител го даде претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска.
Таа, образложувајќи го предлогот, рече дека станува збор за искусен обвинител за кој верува дека успешно ќе ја извршува функцијата до изборот на наследник на Јовески.
„Можам да истакнам дека се работи за обвинител со долгогодишно искуство согласно кој успешно може да ја извршува функцијата”,
рече Димитриеска.



Во тој контекст, таа ја истакна професионалната биографија на Симовска која, како што кажа, почнала како приправник, а потоа и обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
Од 2009 до 2021 година Симовска била виша обвинителка, а од јануари лани е избрана за јавен обвинител во републичкото обвинителство.
Во кратката дискусија за Симовска, дел од другите членови на Советот ја пофалија обвинителката истакнувајќи дека е исклучително добар познавач на кривично-правната материја, докажана во својата работа и дека поради долгото искуство сметаат дека со успех ќе се носи со функцијата, вклучувајќи го и менаџирањето на Обвинителството.

Мандатот на актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески му истекува на 25 декември, а постапката за избор на негов наследник е во тек.
Симовска ќе биде на оваа функција до изборот на новиот републички јавен обвинител.
Одговарајќи на новинарско прашање, по завршувањето на седницата, како Советот на јавните обвинители стигнал до името на Соња Симовска и дали та е само нејзин предлог или Советот претходно одржал колегиум, претседателката Димитриеска рече дека тие како Совет ги познаваат јавните обвинители, ја следат нивната работа и за тоа разменуваат податоци меѓусебе.
„За вршител на функцијата јавен обвинител може да биде определен еден од јавните обвинители којшто е од редовите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Еден од тие обвинители е и Соња Симовска. Ние како членови на Советот ги познаваме јавните обвинители во целокупната јавно обвинителска организација, ја следиме нивната работа. Од сите податоци коишто се достапни за јавниот обвинител Соња Симовска, од личното познавање на Советот, како и на јавните обвинители, не само во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија туку и во другите јавни обвинителства, се доби впечаток кај сите членови на Советот дека истата успешно ќе ја извршува оваа функција до именувањето на јавен обвинител со оглед на нејзиното долгогодишно искуство и докажаните резултати во работењето… Ние како членови на Советот одржуваме не само јавни седници туку и постојани контакти одржуваме меѓусебе, ги разменуваме нашите мислења, податоците со коишто располагаме, така што мојот предлог којшто денеска го поддржаа колегите беше овој којшто се изгласа едногласно“,
рече претседателката на Советот на јавните обвинители.
Таа информираше и дека денеска до Советот стигнало барањето од Владата за давање мислење за секој од тројцата пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител по кое, како што рече Димитриеска, Советот ќе се произнесе во предвидениот законски рок.
Според Законот за Јавното обвинителство, за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Откако пријавените кандидати ќе го поминат филтерот на Советот на јавните обвинители, чии членови во рок од 15 дена треба да дадат позитивно или негативно мислење, тоа оди до Владата, која до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење.
Јавниот обвинител потоа го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието.
Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
Владата на седница на 19 декември донесе одлука да достави писмо до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, со барање за писмено мислење за пријавените кандидати на огласот за именување јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати: Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
Фатиме Фетаи е обвинителка од 2011 година во ОЈО Скопје. На пошироката јавност ѝ стана позната откако во 2015 година стана дел од тимот на Катица Јанева, каде што остана до септември 2019 година. По распаѓањето на СЈО се врати во матичното скопско обвинителство. Таа конкурираше и за обвинителка во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, но таму не ги доби потребните гласови. Од април 2021 година е во скопското Вишо обвинителство. Лани се пријави и за шеф на ова обвинителство, но во последен момент ја повлече кандидатурата.
Фетаи стана позната на јавноста кога премина во СЈО, каде што на прес-конференции ги презентираше отворените истраги, а меѓу предметите во кои таа ги застапуваше обвиненијата беа „Тенк“, каде што за набавката на луксузниот „мерцедес“ се осудени Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, „Титаник 2“, каде што се обвинети Сашо Мијалков, Мендух Тачи и поранешни членови на ДИК за локалните избори во Струмица во 2013, „Титаник 3“ против поранешни функционери од ДУИ, а беше и една од обвинителите кои го застапуваа обвинението во повторното судење за „Монструм“…
Лидија Раичевиќ е обвинителка во ОЈО Скопје од 2003 година, а еден мандат гонеше и организиран криминал и корупција. Меѓу предметите познати на јавноста се: за ексдиректорот на Онкологија, Нино Васев, за убиството на Пино Секондо, случајот „Ровер“, против Љубе Бошковски и предметот „Еразмус“.
Љупчо Коцевски во адвокатурата е 16 години. Во 2008 е избран за обвинител во Вишо обвинителство Гостивар. Во јануари 2022 е унапреден во републичкото Обвинителство.
Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.