Иако го призна „правото на Израел да се брани и да се бори против теророт“, францускиот претседател повика на заштита на цивилите и хуманитарен прекин на огнот
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа во интервју за француската телевизија Франс 5 изјави дека борбата против терористите не значи уништување на Појасот Газа и неселективни напади врз цивилното население.
Макрон го повика Израел да престане со ваквиот пристап во борбата против терористите бидејќи не е соодветен и посочи дека сите животи се подеднакво вредни и секој мора да ги брани.
Иако го призна „правото на Израел да се брани и да се бори против теророт“, францускиот претседател повика на заштита на цивилите и хуманитарен прекин на огнот.
„Хамас е виновен за оваа ситуација, но го повикувам Израел да го запре бомбардирањето на Појасот Газа“,
кажа Макрон.
Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, вчера соопшти дека повеќе од 20 000 луѓе се убиени во енклавата од 7 октомври кога Израел ги почна своите воени операции како одговор на нападите на Хамас.
Според податоците на Министерството, во просек речиси 300 луѓе гинеле секој ден од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, не сметајќи го седумдневниот прекин на огнот.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација за итни случаи, Ричард Бренан, рекол дека овие податоци за бројот на жртви ги смета за веродостојни, пренесува Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на Би-би-си.
Лекарите во Газа велат дека бројот на загинати најверојатно ќе биде значително поголем бидејќи актуелните бројки не ги вклучуваат луѓето чии тела се под урнатините на уништените згради или на оние што не се пренесени во болница.