Обвинителот наведе дека кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и дека изведените докази во текот на главната расправа покажуваат дека дејствијата на сите се во директна врска со последицата која резултираше со смртта на 16 лица во сообрачјаната нерсеќа која се случи на 13 февруари 2019 година
Најстрога казна за сите обвинети во случајот „Ласкарци“ за автобуската несреќа во која животите ги загубија 16 лица, побара јавниот обвинител Дарко Јакимовски во завршните зборови од судскиот процес во Основниот кривичен суд во Скопје.

„Предлагам обвинетите најстрого да бидат санкционирани за делата кои им се стават на товар. Станува збор за особено тешки последици, некои од оштетените ќе живеат со тие трауми цел живот“,
рече обвинителот во завршните зборови.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени востаницата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор е најмалку четири години.
Обвинителот наведе дека кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и дека изведените докази во текот на главната расправа покажуваат дека дејствијата на сите се во директна врска со последицата која резултираше со смртта на 16 лица.
„Било прашање на време само по која основа хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“,
рече обвинителот, пренесува МИА.
Сите обвинети, според Јакимовски, имале правна должност да спречат да не дојде до оваа последица. Тој посочи оти смета дека не станува збор за лекомисленост, бидејќи последиците, како што рече, можелое да се спречат.
Јавниот обвинител рече дека постои исклучителен степен на одговорност кај секој од обвинетите, кој треба да се одмери секому според заслуженото. Нивното однесување по стореното дело го оцени како незанемарливо, а односно во текот на постапката, според обвинителот, бил респектабилен.
„Потребно е да одмерите на секому според заслуженото, водејќи сметка за својствата што ги имале при работењето“,
рече обвинителот пред Судот.

Тој, исто така, побара на сите обвинети судот да им одреди забрана за вршење на професија.
„На обвинетите не смее да им се дозволи во иднина да се бават со вакви работи. Да им изречете забрана за вршење професија и да не оставите никој од нив да има допир со сообраќајот од кој било аспект“,
рече обвинителот.
Тој истакна дека очекува вистинско правораздавање, не само затоа што, како што рече, доказите тоа го налагаат, туку и затоа што жртвите, оштетените, граѓаните и сите во постапката тоа го заслужуваат.
На почетокот од своето излагање обвинителот Јакимовски нагласи дека овој настан има своја генеза, развој и епилог и претставува акумулација на голем број пропусти.
Според него, сите вештаци на кои обвинителството ги темелело доказите, во ниту еден момент не калкулирале со доказите, а во другите вештачења, како што рече, се само препишани пресметките.
„Ниту еден факт не е доведен под сомнение од одбраната на начин познат и признат од сообраќајната наука“,
рече обвинителот.
Тој даде осврт и на одбраната на обвинетите, при што, како што рече, никој од одбраната не негира дека нема вина.
„Според одбраната на секој обвинет во оваа незгода, одговорноста за сите пропусти ја префрла на некој друг“,
рече обвинителот.
Јакимовски посочи дека доколку се анализира одбраната на првите петмина осомничени, се добива впечаток дека сѐ зависело од шестоосомничениот – возачот на автобусот.
„Ако, пак, се проучи одбраната на шестообвинетиот, се покажа како во автобусот воопшто да немало возач“,
рече Јакимовски
Полномошниците, односно адвокатите на оштетените се согласија со завршниот збор на јавниот обвинител, побараа осудителна пресуда и предјавија трошоци.

На денешното рочиште завршни зборови треба да дадат и обвинетите во случајот и нивните бранители, по што судот треба да одреди датум кога ќе биде изречена пресудата.
Автобуската несреќа на која се однесува овој судски процес се случи на 13 февруари 2019 година и во неа загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Во попладневните часови на кобниот ден, автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар.
Судскиот процес започна истата година, односно на 5 септември беше одржано првото рочиште, кога на обвинителна клупа седнаа газдата на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бејлули, управителот на фирмата, возачот на автобусот и уште три лица вработени во станицата за технички преглед каде што бил прегледуван автобусот, инаку, исто така во сопственост на Дурмиш Бејлули.
Измината година рочиштата во скопскиот Кривичен суд главно се водеа околу супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година, по барање на дел од обвинетите. Клучна причина беше тоа што вештачењето на Обвинителството покажува обид на возачот да кочи, додека одбраната на останатите обвинети покрај шоферот, го тврдеше спротивното. Супервештачењето беше готово по дури една година и два месеци, на 27 декември 2022 година, а дел од рочиштата на кое искази даваа вештите лица кои беа назначени од Бирото за судфски вештачења се одвиваа во тензична атмосфера, а на супервештачењето свои забелешки имаа и обвинителство и одбраната, односно роднини на дел од настраданите.