„Хакирањето на ‘Киевстар’ е едно од највлијателните од почетокот на војната во целосни размери и, се надеваме, истрагата ќе открие како се случило“, изјави за Си-ен-ен, Олех Деревијанко, соосновач на украинската компанија за кибербезбедност
Голем кибернапад се случил врз најголемиот мобилен оператор во Украина, со што било прекинато функционирањето на регионалната служба за предупредување од воздушен напад, како и одредени банкарски услуги за Украинците, известуваат надлежните од операторот, а пренесува Си-ен-ен.
Кибернападот, наводно, оставил повеќе од 24 милиони претплатници без услуга.
Украинските телекомуникациски фирми со години се цел на руски хакерски групи, вклучително и озлогласена група поврзана со руската воена разузнавачка агенција, рече Џон Хултквист, главен аналитичар во фирмата за кибербезбедност „Мандиант“, која е во сопственост на „Гугл“.

„Телекомуникацискиот сектор често е цел на актери на кибершпионажа кои сакаат тивко да соберат разузнавачки информации, но нападите може да имаат сериозни воени последици, како и психолошки влијанија врз населението“,
рече Хултквист.
Хакирањето на „Киевстар“ е едно од највлијателните од почетокот на војната во целосни размери и, се надеваме, истрагата ќе открие како се случило, изјави за Си-ен-ен, Олех Деревијанко, соосновач на украинската компанија за кибербезбедност.
„За кибернапад од оваа големина е потребно многу време и напор за да се подготви и изврши“,
додаде тој.
Според извршниот директор Олександр Комаров, овој хакерски напад е еден од повлијателните кибернапади врз украинската инфраструктура од целосната инвазија на Русија од пред речиси две години.
„Ја оштети ИТ-инфраструктурата на мобилниот оператор ‘Киевстар’ принудувајќи ја компанијата да ги исклучи мрежните врски за да го спречи инцидентот“,
изјави тој.
„Киевстар“ имаше 24,8 милиони клиенти на крајот на 2022 година, според украинската државна информативна агенција „Укринформ“.
Украинската служба за безбедност соопштила дека отворила кривична истрага за инцидентот и дека една линија на истрага е дали руските специјални служби можеби стојат зад хакерскиот напад.
„Тимовите на службата пристигнале во седиштето на компанијата за да започнат истрага и да ги документираат сите околности на нападот“,
соопшти разузнавачката служба.
Како што пренесува Си-ен-ен, според украинските власти, руските хакери поддржани од државата извршиле низа кибернапади врз украинската критична инфраструктура заедно со воздушни напади и други физички напади за да се обидат да ја деградираат украинската одбрана.
„Киевстар“ информираше дека личните податоци на нивните клиенти не биле загрозени.