Вчера, како што посочи претседателот на Советот, бил последниот рок за доставување на предлог-буџетот на Град Скопје за 2024 година. Предлогот, вели тој, сè уште не бил доставен и додава дека ниту една советничка група во Град Скопје не била консултирана во врска со него
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, повторно ја прозва скопската градоначалничка Данела Арсовска дека со месеци не доаѓа на седниците за советнички прашања, што создава перцепција за проблеми во функционирањето на Советот.

„Јас сакам на најдобар начин да си ја вршам функцијата, сум сретнал во животот и сум се соочил со многу карактери. Она што може да се види однадвор е дека Советот на Град Скопје и Град Скопје има проблеми во функционирањето затоа што градоначалникот воопшто не сака да комуницира со Советот на Град Скопје“,
изјави Славески во гостување на Радио Лидер утрово.
Вчера, како што посочи претседателот на Советот, бил последниот рок за доставување на предлог-буџетот на Град Скопје за 2024 година. Предлогот, вели тој, сè уште не бил доставен и додава дека ниту една советничка група во Град Скопје не била консултирана во врска со него.
„Вчера измина последниот законски рок за доставување буџет или предлог-буџет на Град Скопје за 2024 година. Во ред, беше недела и очекуваме од службите да го добиеме денес. Слушам поплаки од сите советнички групи дека никој не е за ништо консултиран, нема никаков инклузивен процес, нешто што е невидено во досегашната практика на моите информации на функционирање на Град Скопје и на другите општини на Република Македонија кои со месеци ги инволвираат самите советници за да може и тие да придонесат во креирањето на буџетот, а тие се оние кои треба да дигнат рака и да го изгласаат буџетот“,
рече претседателот на Советот на Град Скопје.
Славески рече дека градоначалничката Арсовска веќе осум месеци не доаѓа на седниците за поставување советнички прашања, а од друга страна, советниците сакаат таа да биде присутна за да можат директно да ѝ постават прашања од интерес на граѓаните.

Во врска со работата на Советот, Славески вели дека тој функционира и оти се завршени сите седници со донесени стотици одлуки по кои треба да постапуваат или градоначалникот или службите на Град Скопје.
„Има само две-три незавршени седници, прекинати, затоа што Арсовска веќе осми месец не доаѓа на поставување советнички прашања и советниците не сакаат да тераат седници без нејзино присуство затоа што директно сакаат да ѝ постават прашања кои не се нивни, туку се прашања на граѓаните на Република Македонија“,
рече Славески.
Инаку, пред речиси еден месец, градоначалничката Арсовска дојде на вонредната седница на Советот на Град Скопје на која единствена точка на дневен ред беше зголемувањето на субвенциите за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за нови 110 милиони евра. Дискусијата помина во тензична атмосфера, со низа препирки и обвинувања меѓу Арсовска и Славески.
Нарекувајќи ги „мицковисти“, Арсовска им се обрати на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ги обвини дека тие се причината поради која најголемиот дел од ветените проекти во Скопје не се реализирани. Рече дека поради нивните опструкции, во градот биле реализирани 250 наместо 400 проекти.
„Многу ми е жал што е така, но вие самите себеси се саботирате“,
рече Арсовска посочувајќи им на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека граѓаните не само од неа, туку и од нив ќе бараат отчет за проектите кои се најдоа во програмата „За модерно Скопје“, а кои беа поддржани од партијата на Христијан Мицкоски на локалните избори.
Освен што ги нарече „мицковисти“ и „заложници“, Арсовска тогаш го обвини претседателот на Советот Трајко Славески за фалсификување потписи.
„Свесни сте дека има основани сомненија дека вашиот претседател фалсификувал потписи. Кривично ќе си одговара оној кој му овозможил на друг да зема пари од Градот Скопје со фалсификат. Свесни сте, јасно ви е што се случува, а мене ми е многу жал што после две години ниеден одговорен политичар кој има ‘рбет да каже ‘Извинете, ме тера Мицко да кажам ова и она, но денеска нема да го кажам’. Тој човек е ракот на ова општество“,
рече Арсовска од советничката говорница на 14 ноември.
На обвинувањата, прво од место, а потоа и од говорницата во салата, се обрати Славески. Тој обвинувањето за фалсификување нечии потписи за присуство на седница на Советот ги оцени за безочна лага и рече дека ќе ја тужи градоначалничката за клевета.
Потоа побара од Арсовска да се извини за кажаното или, како што рече, против неа ќе поднесе кривична пријава.
По него, на говорницата повторно се појави скопската градоначалничка. Рече дека со задоволство ќе се сретне со Славески на суд за, како што вели, да се докаже кој е во право, а кој не за оваа работа.