Освен што советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече мицковисти и оцени дека се заложници на, како што вели, погубна политика, Арсовска го обвини претседателот на Советот, Трајко Славески, за фалсификување потписи. На ваквите обвинувања, прво од место, а потоа и од говорницата во салата се обрати Славески. Обвинувањето за фалсификување нечии потписи за присуство на седница на Советот ги оцени за безочна лага и рече дека ќе ја тужи градоначалничката за клевета
Со низа препирки и обвинувања, но и со најава за тужба против скопската градоначалничка Данела Арсовска, помина денешната вонредна седница на Советот на Градот Скопје. Четиричасовната седница, на чиј дневен ред се најде единствено точката за зголемување на субвенциите за ЈСП за нови 110 милиони евра, помина во тензична атмосфера, особено откако по подолг период, од говорницата се обрати градоначалничката Арсовска.
Нарекувајќи ги мицковисти, Арсовска им се обрати на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ги обвини дека тие се причината поради која најголемиот дел од ветените проекти во Скопје не се реализирани. Рече дека поради нивните опструкции, во градот биле реализирани 250 наместо 400 проекти.
„Овој мицковизам е погубен за нашиот град и за нашата Македонија. Како пред 12 месеци или пред 24 месеци кога кажував од оваа говорница дека ќе се реализира секој проект кој е за доброто на граѓаните на мицковистите не им пречеше? Сега мицковизмот одеднаш има своја променета форма, а таа е напад на градоначалникот и на градската администрација. Правите проблем господа мицковисти, за потоа да зборувате дека има проблем, за потоа да кажувате дека ќе бидете спасители на градот со тоа што ќе го решите проблемот што сами сте го направиле. Јас не ве разбирам“,
рече скопската градоначалничка од говорницата во Советот.
Многу ми е жал што е така, но вие самите себеси се саботирате, рече Арсовска, посочувајќи им на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека граѓаните не само од неа, туку и од нив ќе бараат отчет за проектите кои се најдоа во програмата „За модерно Скопје“, а кои беа поддржани од партијата на Христијан Мицкоски на локалните избори.
„Таа програма вие ја носевте од врата на врата. Секој еден мицковист одеше со мене заедно и ги ветуваше сите овие работи. Граѓаните ќе ги бараат од мене овие работи, но ќе ги бараат и од вас. Сликите со Мицкоски јас ќе ги вадам лично и персонално да видат дека тој ги ветувал овие работи. Шпицниот градоначалник сега отвора чешми наместо да отвора капитални проекти во Градот Скопје“,
рече Арсовска.
Освен што советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече мицковисти и оцени дека се заложници на, како што вели, погубна политика, Арсовска го обвини претседателот на Советот, Трајко Славески, за фалсификување потписи.
„Свесни сте дека има основани сомненија дека вашиот претседател фалсификувал потписи. Кривично ќе си одговара оној кој овозможил на друг да зема пари од Градот Скопје со фалсификат. Свесни сте, јасно ви е што се случува, а мене ми е многу жал што после две години ниеден одговорен политичар кој има ‘рбет да каже ‘Извинете, ме тера Мицко да кажам ова и она, но денеска нема да го кажам’. Тој човек е ракот на ова општество“,
дополни градоначалничката.
На ваквите обвинувања, прво од место, а потоа и од говорницата во салата се обрати претседателот на Советот, Трајко Славески. Обвинувањето за фалсификување нечии потписи за присуство на седница на Советот ги оцени за безочна лага и рече дека ќе ја тужи градоначалничката за клевета.
„Со знаење на сите тука, со знаење на службите, две дами членки на Советот, едната заради патолошка бременост, другата заради борба со канцер им беше дозволено на неколку седници да се вклучат онлајн. Постојат снимки за тоа. По инструкција на Секторот за поддршка на Советот, за да се евидентира нивното присуство онлајн, јас имам потпишано со ‘за’. Таму стои мојот потпис. Јас не сум вчерашен, како можам да си дозволам да фалсификувам нечиј потпис“,
рече Славески.
Потоа побара од Арсовска да се извини за кажаното или, како што рече, против неа ќе поднесе кривична пријава.
По него, на говорницата повторно се појави скопската градоначалничка. Рече дека со задоволство ќе се сретне со Славески на суд за, како што вели, да се докаже кој е во право, а кој не за оваа работа.
„Мрачните времиња кога човек беше суден за кажан збор се завршени. Ова што сакате вие да го спроведете сега и да ми се заканувате со кривична пријава за кажан збор не ви поминува. Меѓутоа, фалсификување на потписи, да ставате ваш потпис во нечие име и со тоа да им овозможувате да земаат средства од буџетот на Град Скопје е дело кое тукушто го признавте. Тоа што законот постои и не се почитува е една работа, тоа што вие сакате да го свиткате како што ви одговара е друга работа“,
рече Арсовска.
Денешната седница на градското собрание, која повторно се сведе на политички препукувања, заврши откако советниците со мнозинство од 24 гласа „за“, два „против“ и ниеден „воздржан“ ја изгласаа едиствената точка на дневниот ред – изменување на буџетот за субвенции за ЈСП од 440 милиони денари на 550 милиони денари.