Ги повикувам сите политички актери, одговорни актери, политички партии да вложат напор за уставните промени пред сè во интерес на граѓаните, вели словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, во интервју за МИА. На прашањето дали оценува дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање, Фајон вели дека државата загуби многу драгоцено време бидејќи патот на Северна Македонија е трнлив и болен, а би бил побрз кога не би биле внатреполитичките интереси на Бугарија, претходно и на Грција.
„Тоа (уставните измени) е одговорност кон луѓето и сега е нужно итно државата да напредува и геостратешка можност е до крајот на 2030 година да направиме скок, да ја поврземе Европа и Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. Така што, да, уставните промени се клучни, пред сè еден оптимизам и поддршка на политиката и разбирање на граѓаните дека се работи за една заедничка европска иднина, која ќе обезбеди мир, безбедност и достоинство во животот на вашите граѓани“,
вели Фајон.

На прашањето што ако не се усвојат уставните измени до крајот на годинава и дали е можно Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ, Фајон вели дека не би зборувала за одвојување – „Останувам силно посветена на тоа дека Северна Македонија ќе продолжи по патот на реформите“, вели шефицата на словенечката дипломатија.
„Годинава е исклучително важна за проширувањето. Проширувањето стана геостратешка нужност. Ако погледнеме што се случува околу нас, руската агресија во Украина, конфликтот на Блискиот Исток, Европската Унија мора да биде силна, мора да биде обединета, имаме јасна Бледска обврска државите да се подготват за проширување до 2030 година, а од друга страна јас и Словенија се стремиме и државите на Западен Балкан да бидат подготвени и способни за влез во Европската Унија. Кон крајот на годината очекувам поттикнувачки извештаи, посакувам да видам почеток на пристапни преговори со Босна и Херцеговина, очекуваме пристапни преговори со Украина, Молдавија, понатаму за Грузија и во тој контекст клучно е Северна Македонија и Албанија со нова меѓувладина конференција да ги отворат и започнат конкретно преговорите,“
додава Фајон.
За Извештајот на ЕК Фајон вели дека е реален во однос на оцената дека треба да се продолжи со борбата против корупцијата.
„Во клучни области, како што е борбата против организираниот криминал, обезбедувањето цврста правна држава, слобода на медиумите, накратко тој напредок е важен, и важно е сите овие оценки на Европската комисија, треба да се одговори на начин граѓаните да разберат дека се работи за промени што ќе го подобрат нивниот животот, се работи за промени што ќе овозможат луѓето полесно да дојдат до правосудниот систем, дека ќе биде обезбедена слобода на говор, дека нема корупција, дека се работи за здрав демократски напредок на толерантно општество,“
потенцира шефицата на словенечката дипломатија.