Четири вида дронови наскоро ќе почнат да се произведуваат во Северна Македонија, најави премиерот Димитар Ковачевски по посетата на фабриката АТС АММО во Самоков. Дроновите ќе бидат според НАТО-стандардите, а ќе имаат повеќе намени.
„Ќе се започне со сериско производство на четири вида дронови кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција, кои ќе имаат висок дострел, ќе имаат соодветна носивост да бидат опремени со соодветна опрема и ќе бидат целосно произведени во Република Северна Македонија, согласно сите НАТО-стандарди и ќе можеме да ги гледаме во воените арсенали на НАТО-земјите“,
кажа Ковачевски.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска потенцира дека оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО-пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од пет милијарди евра. Министерството и Армијата ќе соработуваат за производството на првиот дрон, а за техничките спецификации вели дека е рано да се каже.
„Во однос на техничките спецификации, јас не би објавувала сега што точно ќе содржат, затоа што тоа се и класифицирани информации. Мултинаменски ќе бидат заради тоа што во денешно време повеќедимензионалноста или потребата од повеќе аспекти се повеќе се наметнува. Тие ќе бидат способни и да бидат испраќани во извидничко-разузнавачки мисии, а се разбира ќе бидат оспособени за борбени дејствија но и за употреба во цивилни цели“,
рече Петровска.
Петровска додаде дека компанијата е единствена фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција, произведува повеќе од 120 милиони парчиња годишно, а догодина се планира тој број да се зголеми и до 250 милиони парчиња.