Регулаторната комисија за енергетика ја укина евтината дневна тарифа за домаќинствата во декември 2021 година поради високата цена на електричната енергија на берзите. Таа сега повторно се враќа бидејќи, како што велат од РКЕ, цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта
Од денеска (1 декември 2023 г.) домаќинствата повторно ќе ја имаат на располагање евтината дневна тарифа на електричната енергија во периодот од 13 до 15 часот откако Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај.

„Со воведување на дневната евтина тарифа, домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклус во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден“,
изјави на 26 ноември претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Регулаторната комисија за енергетика ја укина евтината дневна тарифа за домаќинствата во декември 2021 година поради цената на електричната енергија на берзите која се движеше од 300 до 400 евра за мегават-час, во текот на денот достигнуваше и до 500 и 600 евра.
Сега, како што вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, за МИА, евтината дневна тарифа не се враќа поради политиката, туку поради фактот што цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта.
„Од денеска стартува дневната евтина тарифа за домаќинствата. Ќе важи од 13 до 15 часот. Оваа одлука е пазарен механизам затоа што преку ден цената за струја на берзите е до три пати поевтина отколку навечер и е практичен резултат на елдорадото на фотоволтаици“,
вели претседателот на РКЕ за државната новинска агенција.
Кога има зголемено производство преку ден, додава тој, логично е цената на струјата да се намали во тој период.
Според Бислимоски, денеска евтина дневна тарифа ќе добијат сите потрошувачи кои имаат броила што се читаат од далечина, а до крајот на месецов околу 90 проценти од домаќинствата. Проблем ќе бидат домаќинствата кај кои броилата се недостапни.
Подзаконските акти што ги донесе РКЕ, како што кажа првиот човек на РКЕ, утврдуваат и нови рокови според кои енергетските компании од следната година ќе треба да ги достават своите барања најдоцна до 30 септември, а одлуките за новите тарифи ќе бидат соопштени најдоцна до 30 ноември и ќе бидат во сила од следната година.