Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денеска побара лидерската средба да биде по 11 часот поради работниот ангажман на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на Машинскиот факултет, на што од владејачката партија веднаш одговорија оти жалат за агендата на Мицкоски „кој работи само два часа дневно“ и дека лидерската ќе биде во 12 часот во понеделник
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо лидерската средба што ја закажа премиерот Димитар Ковачевски да биде в понеделник и очекуваат на неа конечно да се прецизира датумот за изборите в година, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и на понудата за укинување на техничката влада.

Ова денеска на прес-конфренција го кажа портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева одговарајќи на новинарско прашање дали во партијата добиле официјална покана за лидерската средба и дали на неа ќе инсистираат на укинување на техничката влада, која треба да биде формирана на 100 дена пред парламентарните избори.
Според одговорот на Митева, од опозициската партија за лидерската средба в понеделник дознале од медиумите.
„Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник којашто е поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ“,
рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа побара лидерската да биде по 11 часот поради работниот ангажман на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на Машинскиот факултет.
„Воедно, бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет, каде работи како редовен професор“,
нагласи Митева.

На барањето од опозициската партија, преку писмено соопштение веднаш одговорија од владејачкиот СДСМ, од каде што велат оти жалат за агендата на Мицкоски „кој работи само два часа дневно“ и дека лидерската ќе биде во 12 часот.
„Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ, работи само два часа во текот на денот, од 09 до 11 часот. Средбата во понеделник, 4 декември 2023 година, ќе биде во 12:00 часот“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера од заедничката прес-конференција со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави дека за в понеделник (4 декември) е закажана лидерска средба на која се очекува да се прецизира датумот на одржување на претседателските и парламентарните избори в година.
Тој за денеска најави дека до сите парламентарни политички партии, како и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе биде испратена покана за лидерската.
„Средбата ќе биде закажана за понеделник и на истата ќе разговараме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, за одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР“,
рече премиерот на вечерашната прес-конференција.
Завчера, премиерот изјави дека двата изборни циклуса кои ќе се одржат следната година ќе бидат во своите редовни термини и дека мај се нуди како можност за нивно одржување, но дека одлуката треба да биде донесена со широк консензус помеѓу партиите.
Неодамна, министерот за правда Кренар Лога изјави дека неофицијално, 8 мај е датумот на кој ќе се одржат претстојните парламентарни и претседателски избори. Според своите неофицијални сознанија, Лога рече дека ова ќе биде датумот за одржување на двата изборни циклуса.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период интензивно повикува на одржување заеднички претседателски и парламентарни избори во мај идната година. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, уште во октомври годинава го спомена 8 мај како единствен датум кога може да се одржат заеднички избори во редовен термин.
Од опозициската партија периодов го интензивираа и барањето за укинување на техничката влада, нагласувајќи оти се против со неа да раководи кадар на ДУИ.
Во врска со ова прашање, премиерот Ковачевски завчера изјави дека решението за техничка влада на 100 дена пред парламентарни избори е донесено со консензус и со меѓународно посредништво во 2016 година и оти само со консензус меѓу партиите може да биде укинато.
„Доколку не се постигне консензус за укинување на техничката влада, тогаш ние ќе имаме техничка влада“,
изјави премиерот во вторникот.