Владата на Холандија ги споделува наодите на Европската комисија дека властите во Северна Македонија преземаа позитивни чекори во изминатата година. Оваа оценка е содржана во писмото што холандскиот министер за надворешни работи, Штеф Блок, денеска го испрати до парламентот во Хаг, документ што треба да биде основа за дебата и евентуална согласност од парламентот за Владата на премиерот Марк Руте да поддржи почеток на преговори со Северна Македонија. Холандија, заедно со Франција, е една од највоздржаните земји-членки за прашањето на понатамошното проширување на ЕУ.

Во писмото на Блок, исто така, се поздравува фактот дека неодамнешните претседателски избори, како што наведе ОБСЕ-ОДИХР, беа спроведени на демократски начин. Решавањето на прашањето за името, според холандската влада, е пример за целиот регион.
„Во изминатата година Северна Македонија постигна резултати во реформирањето на судството и оствари добар старт во носењето пресуди во високо-профилирани случаи. Безбедносните служби се реформираат на внимателен начин, со подобра контрола и одвојување на моќта. Иницирана е реформа во јавната администрација. Новоусвоениот закон за спречување корупција овозможува поголема истражувачка сила за антикорупциската комисија, која веќе почна со истраги“, пишува во писмото од министерот Блок до холандскиот парламент, во кое се наведува дека Европската комисија препорачува отворање пристапни преговори со С. Македонија врз основа на исполнување на условите одредени од земјите-членки на ЕУ во јуни 2018 година.

Во документот се нагласува и дека:
„Се уште треба да се преземе важен чекор за брзо усвојување на законска рамка за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.“
Холандската влада смета дека е охрабрувачка политичката волја покажана од властите во земјава во делот на реформите.
За Албанија повоздржан тон во писмото
Ако за земјава во писмото се користи фразата дека холандската влада „ги споделува наодите на Европската комисија дека властите во Северна Македонија преземаа позитивни чекори во изминатата година“, во делот посветен на Албанија пишува:
„Холандската влада ги цени чекорите преземени од Албанија во изминатата година.“
Видлива е разликата што холандската влада ја прави меѓу двете држави, особено со неповикување на наодите на Европската комисија, која и за Албанија препорача почеток на преговори.
„И покрај покажаните резултати, организираниот криминал во Албанија и неговото прелевање во членките на ЕУ останува голем проблем. Холандската влада ја цени политичката волја на владата на Албанија за реформи, но е загрижена за влијанието што поларизираната политичка клима може да го има врз натамошниот реформски процес. Холандската влада потенцира дека Албанија во наредниот период ќе мора да направи повеќе за да се справи со корупцијата и организираниот криминал“, пишува во писмото.
Проширувањето на ЕУ и извештаите на ЕК веќе утре се на дневен ред на Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент, но неизвесно е дали утре ќе се носи и конечен заклучок, во очекување на тоа кога германскиот Бундестаг би носел одлука за С. Македонија.