Банката го активира „Пакетот солидарност“ за справување со економските последици од пандемијата, значителна поддршка ќе биде ориентирана кон земјите од Западен Балкан
Европската банка за обнова и развој ќе ја поддржи Северна Македонија со 250 милиони евра за справување со последиците од коронавирусот. Овој пакет, како што соопштија од Владата, е наменет за поддршка на финансискиот сектор, за енергетскиот сектор, за мали и средни претпријатија, но и за големите компании. Дел од поддршката е насочена и кон инфраструктури проекти што треба да се финализираат во наредниот период.
Премиерот Оливер Спасовски, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, одржале видеосостанок со претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти и негови соработници за состојбата и последиците со пандемијата на коронавирусот. Чакрабарти, како што се соопштува, изразил задоволство како властите во Северна Македонија се справуваат со пандемијата, како и од преземените мерки за намалување на последиците. На видео конференцијата било истакнато дека ЕБОР ќе го активира „Пакетот солидарност“ за справување со економските последици од пандемијата со ковид-19, а значителна поддршка ќе биде ориентирана кон земјите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Чакрабарти, како што се посочува во соопштението од Владата, упатил искрени честити за членството на нашата земја во НАТО и за почнувањето преговори со Европската унија. Тој истакнал дека ЕБОР останува посветена на поддршката на Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ и во најкус период ќе биде потпишан меморандум за соработка за оваа сфера.