Говорејќи на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, шефот на европската дипломатија, кој попладнево пристигна во земјава, истакна дека доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи во Скопје ќе биде корисно од оваа гледна точка
Доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на состанокот во Скопје е добра прилика да може да чуе зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа да се врати во Москва и да му каже на господарот на Кремљ дека Европската Унија и ОБСЕ остануваат обединети во осудата на агресивното и незаконско однесување на Русија.
Ова, во пресрет на утрешниот Министерски совет на ОБСЕ, вечерва го изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел кој попладнево пристигна во земјава. Говорејќи на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, Борел истакна дека доаѓањето на Лавров во Скопје ќе биде корисно од оваа гледна точка.
„Сфаќам дека некои земји учеснички не беа одушевени од вашата одлука да присуствува министерот Лавров, ги сфаќам затоа што со незаконската војна на Русија против Украина таа ги поткопува истите начела на ОБСЕ и ги нарушува законите и поради тоа се соочува со меѓународни санкции и меѓународна изолација“,
изјави Борел на прес-конференцијата во Скопје.
Сепак, како што истакна, одлуката на Северна Македонија со која се дозволува учество на рускиот министер за надворешни работи на состанокот е во согласност со заедничката цел за одржување на мултилатерализмот, а Лавров, како што рече, повторно да може да слушне зошто сите ја осудуваат Русија.
„Многу ја цениме улогата на ОБСЕ, особено во вакво време. ОБСЕ е единствена платформа каде што нашата заедничка безбедност и архитектура треба да биде дискутирана и покрај обидите од Русија да го поткопа ОБСЕ, да ги поткопа неговите фундаментални начела и постојната безбедност“,
додаде шефот на европската дипломатија.
Од заедничката прес-конференција со Ковачевски, Борел истакна оти како актуелен претседавач со ОБСЕ, земјава завршила добра работа, а тоа, како што рече, заслужува благодарност.