Во објавата на својот фејсбук-профил, заменик-народниот правобранител Јован Андоновски вели дека имало обиди за политичко и влијание од невладиниот сектор во однос на неговото гласање, на кое, како што посочува, ниту сега ниту кога било би подлегнал
Еден од главните услови при моето оценување на кандидатите беше нивното искуство и придонес во областа, како и да не се партиски експоненти – пишува во објава на Фејсбук заменик-народниот правобранител Јован Андоновски, кој е еден од членовите на Комисијата за селекција на кандидатите за избор на нов состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Неговата реакција следува откако Комисијата го заврши бодувањето и ја утврди ранг-листата на каднидатите која в петок треба да се најде пред собраниската Комисија за изборите и именувањата, а потоа и на пленарна седница.
„Би сакал да ги дематирам наводите дека сум имал клучна улога за истиснување ‘независни кандидати’ за членови на ДКСК“,
пишува Андоновски во објавата на Фејсбук.
Вели дека имало обиди за политичко и влијание од невладиниот сектор во однос на неговото гласање, на кое, како што посочува, ниту сега ниту кога било би подлегнал.
„Услов за моето учество во оценувањето и изборот на кандидатите беше исклучиво да нема избор на партиски кандидати, за што и јавно најавив дека ќе поднесам оставка од член на Комисијата доколку тоа беше случај. Видно од ранг-листата, ниту еден партиски експонент не доби доволен број на гласови при изборот“,
се додава во фејсбук-објавата на заменик-народниот правобранител.
Додава дека оценувањето е субјективен пристап кон објективната стварност, а оти секој член на Комисијата самостојно ги оценувал и бодувал кандидатите за новиот состав на ДКСК. Притоа, додава дека не постои никаква можност за манипулација со поените.
Комисијата за селекција за новиот состав на Антикорупциската комисија го заврши бодувањето и ја утврди ранг-листата на кандидатите, а „360 степени“ направи анализа на бодувањето за сите одделни категории и вкупни резултати, како и соодносот на доделените бодови од страна на членовите на Комисијата.